По одлуката на грчката влада британските државјани да ги ослободи од биометриска регистрација на грчките гранични премини, македонската Туристичко-угостителската комора со допис до грчкото Министерство за туризам, побара македонските туристи да бидат привремено изземени од примената на ЕЕС во периодот од 1 јуни до 30 септември. Истото го бараат и српските туристички работници. Дел од македонските медиуми побрзаа да дезинформираат дека за Србите веќе е одлучено и слободно ќе поминуваат преку граница, што не е точно. Здружението на туристичката индустрија на Србија испратило писма до грчкиот министер за туризам, нивната национална туристичка организација и амбасадата во Белград , нагласувајќи го финансискиот удел на српските агенции кои однапред платиле огромни депозити за хотелски и станбени објекти. Но, како и нашата Туристичка комора и српските агенции очекуваат позитивни вести од Атина. Само до овој период српските агенции имаат закупено сместување на над еден милион туристи.
Но, клучно е прашањето, дали воведениот ЕЕС систем во Шенген зоната доволува одделна земја членка привремено да го суспендира биометриското собирање на податоци?
Земјите од ЕУ ќе можат делумно да го суспендираат работењето на Системот за влез и излез (EES) дури и откако шемата за биометриска гранична регистрација ќе заврши со официјалното воведување во април, потврди Европската комисија.
Почнувајќи од 10 април, сите 29 земји од Шенген-зоната мора да имаат оперативен EES систем на секој граничен премин за да се евидентира влезот на сите државјани на трети земји преку собирање на нивните биографски и биометриски податоци. Сепак, Комисијата ќе дозволи привремено суспендирање на системот во период од максимум од 90 дена за да се избегнат долги редици на граничните премини.
-Овој режим евентуално може да се продолжи за уште 60 дена за да се опфати врвот на туристичката сезона од јули до септември. По завршувањето на воведувањето, земјите-членки сè уште ќе можат делумно да ги суспендираат операциите на EES каде што е потребно во период од дополнителни 90 дена со можно продолжување од 60 дена за да се покрие летниот врв, изјави портпаролот на Комисијата, Маркус Ламерт.
Соопштението на Комисијата доаѓа по бројни извештаи за технички тешкотии, недостиг на персонал и долги редици предизвикани од воведувањето на EES.
Што значи, Грција ќе може да ги олесни границите не само за Британците, туку ако сака и за бројните туристи од Македонија, Србија и друфи земји. Изминатите неколку викенди, вклучувајќи го и Велигденскиот, покажаа дека границите за време на туристичката сезона ќе станат своевидно „бојно поле“ на нервозните туристи.
За оваа сезона, според туристичките агенции, цените на аранжманите се зголемени за околу пет проценти, додека зголемувањето на хотелското сместување е поскапено до десет проценти. Грција бележи и раст на цените на храната поради растечката инфлација. Изминатиот месец инфлацијата во Грција изнесувала 3,9 проценти.







