Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) го осуди вчерашниот инцидент на стадионот Бело Брдо во Штип во кој двајца млади фудбалери на ФК „Брегалниц“а завршија со тешки телесни повреди откако беа претепани од родител на фудбалер од ФК „Шкупи“.
„Секој чин на насилство на спортските терени е недозволив и строго ќе биде санкциониран. Со насилство, од било кого и на било кое ниво, нема да има компромис, реагираше ФФМ.
Од Федерацијата најавија и дисциплинска постапка за „Шкупи“ и одговорните во овој клуб.
„Ваквото однесување е целосно неприфатливо и претставува грубо нарушување на спортскиот дух, фер играта и безбедноста на младите фудбалери. Федерацијата уште еднаш потсетува дека секој чин на насилство на спортските терени е недозволив и строго ќе биде санкциониран. Со насилство, од било кого и на било кое ниво, нема да има компромис. Нашата заедничка обврска е да создадеме безбедна и позитивна средина за развој на најмладите генерации фудбалери“, стои во соопштението на ФФМ.
Не престануваат реакциите во јавноста по претепувањето на младите фудбалери и нападот кој се случи на терен каде треба да доминира игра, спортски дух и треба да место на натпревар, а не доминација на страв за безбедноста на децата.
Обвинителството работи на истрагата, која треба да утврди дали е направена соодветна проценка на безбедносниот ризик, за соодветното присуство на полицијата на терен и комплетната организација на натпреварот.
Повредените деца со телесни повреди беа однесени во Клиничката болница во Штип, а веќе денеска се на домашно лекување.
Од Клиничка болница -Штип информираа дека од страна на дежурниот доктор кај пациентите констатирани телесни повреди, а еден од нив се здобил и со пукнатина на носна коска.
МВР соопшти дека А.А.(43) од Скопје, родител на фудбалер од ФК „Шкупи“, кој физички нападнал двајца малолетници од Штип, фудбалери на ФК „Брегалница“, и им нанел повреди вчера беше лишен од слобода, додека понатаму ќе постапува Обвинителството.
„Во врска со настанот во СВР Штип, во присуство на родители и претставник на Центар за социјални работи Штип, бил извршен службен разговор и со двајца малолетници од Скопје, фудбалери на екипата на ФК „Шкупи“, соопшти СВР – Штип.
ФК „Шкупи“ се огради од инцидентот.
„Фудбалот не е и не треба да биде арена на физички конфронтации, туку поле каде што се судираат талентот, тактиката и спортскиот менталитет. Како клуб со долга традиција и историја во нашата земја, ФК „Скопје“ апелира да се надмине оваа ситуација и да не се повторуваат вакви инциденти во иднина. Духот на фер-плејот и љубовта кон фудбалот секогаш мора да бидат над сè. Во исто време, апелираме до сите надлежни органи да преземат потребни мерки врз основа на материјалите и фактите, осигурувајќи дека сите лица вклучени во овој инцидент ќе се соочат со законот и ќе бидат одговорни за своите постапки, пишува во соопштението од извршниот директор на „Шкупи“, Флорим Муча.





