Виктор Јорданов херојски го загуби животот на 16-ти март во дискотеката Пулс кога со противпожарен апарат се обидуваше да го успори ширењето на пожарот додека десетици луѓе беа заглавени во дискотеката.
На видео снимки кои протекоа на социјалните мрежи следниот ден, можеше да се види Виктор Јорданов како со апаратот се обидува да го спречи ширењето на пожарот додека во околината се гледаат сеуште луѓе кои се внатре во објектот и се обидуваат да се заштитат или да излезат.
Неговиот брат во спомен на еден од хероите од најголемата трагедија во историјата на Македонија, напиша трогателен текст во чест на Виктор:
„Ти не беше обичен човек.
Ти беше сила од љубов и храброст во човечко тело.
Во мигот кога можеше да се спасиш, ти избра да останеш
да спасуваш други, да бидеш светлина во најцрниот чад.
Покажа и докажа што значи да си човек.
Не со зборови, туку со дело.
Со тоа што го стави туѓиот живот пред својот.
Со тоа што не се сврте назад додека сите не беа надвор.
Излезе последен исправен, горд, достоинствен.
Како вистински јунак.
Иако огнот ти го зема здивот,
не успеа да ти ја земе душата затоа што твојата душа сега е ангел чувар над мене.
Секој ден чувствувам како ме следиш,
како ме штитиш, како ми шепотиш да бидам подобар човек како тебе.
И секогаш кога ќе погледнам во небото,
знам дека таму горе блескаш, со белите крила што ги заслужи.
Брате, ти не замина
ти само го смени местото од кое ме чуваш.
И додека јас живеам, твојата приказна нема да згасне.
Ти засекогаш ќе бидеш мојот херој, мојот брат, мојот ангел.“ – стои во објавата на Ј. Јорданов на социјалната мрежа фејсбук.





