За седницата на Советот на Општината Штип, закажана за петок, подготвен е документ со статусни измени на ООУ „Гоце Делчев“, со кој во една реченица – му се става клуч на училиштето до 2031 година.
Според предлог измените на Статутот на училиштето, се планира фазно припојување кон останатите три централни основни училишта, со тоа што процесот комплетно треба да заврши за пет години. Што се однесува до учениците, е прецизирано во член 2:

Наставниците и вработените во администрација и помошно-техничката служба ќе бидат преземени од другите училишта, стои во документот. Припојувањето ќе се одвива фазно, според документот што ќе го подготви градоначалникот.
„На начин што ќе обезбеди нивно најефикасно искористување, имајќи ги во предвид потребите на другите училишта , расположливиот фонд на часови, како и испразнување на соодветните работни места по пат на пензионирање“, пишува во измените.
Одлуката се образложува со пресудата од Стразбур за сегрегација, односно формирањето на паралелки само со ромски ученици. Затворањето на училиштето и припојувањето кон другите, како што пишува во документот, „не само што ќе се надмине проблемот со сегрегација, туку ќе се надмине уште еден дополнителен проблем, а кој произлегува од помалиот број на деца во основното образование“.
Претпладнето во училиштето, состанок со родителите и вработените одржал градоначалникот Иван Јорданов. Градоначалникот накратко ја образложил одлуката, рекол дека е неминовно припојувањето, како дел од оптимизацијата на училишната мрежа, но наишол на негодување кај родители на шестооделенците. Три класа од шестто одделение ќе треба да се припојат во други училишта, што посред родителите е проблем за децата, кои веќе пет години учат заедно во исти одделенија.
Но, процесот е почнат и како што тргнаа најавите пред неколку месеци, почетокот на новата учебна година ќе донесе тектонски промени за сите основни и средни училишта.
Нема потврда дали училиштето што оваа години ќе слави 60 години јубилеј ќе стане студентски дом, но извесно е дека со планираната динамика по пет годни ќе нема ученици. Неофицијално се најавуваат и некои други комбинаторики, според кои, Средното текстилно училиште би преминало да работи во сега регионалниот стручен центар „Коле Нехтенин“, што стана државно училиште. Се бара начин да се прилагодат простории да се сместат неколкуте класови, но засега нема план како ќе се распределуваат наставниците.
Во сегашната зграда на Средното текстилно училиште во центарот на Штип работат и фактулетети од Универзитетот „ Гоце Делчев“.
Промените, кои се чини се неминовни, почнуваат во петок со одлука на советниците, но што ќе донесат за учениците, родителите и наставниците?





