Државниот врв во Штип го одбележа Денот на Армијата

Во штипската касарна „Јане Сандански“ денеска беше одбележан 18 Август – Денот на Армијата.

Настанот го збогатија свечено построените новопромовирани 26 потпоручници и 149 подофицери, во присуство на државниот врв – премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието Африм Гаши, министри, пратеници, поранешни министри за одбрана, генерали и претставници од дипломатскиот кор.

Претседателката и врховен командант на вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, го одликува Центарот за обука на питомци и офицери со Орден за воени заслуги. Таа во своето обраќање нагласи дека Армијата повеќе од три децении ја докажува својата улога како чувар на мирот и безбедноста на државата. „Професионалноста, одговорноста и пожртвуваноста се препознаваат во секоја акција – од помошта при елементарни непогоди до справувањето со вонредни состојби. Затоа довербата на граѓаните останува највисока,“ истакна Сиљановска-Давкова.

Гордана Сиљановска – Давкова, претседателка на РС Македонија

Таа потсети дека визијата на Генералштабот, знаењето на Командата за обука и доктрина, поддршката од Логистичката база и честа на Баталјонот за почести се темелот на армиската сила. Притоа порача дека институциите мора да планираат долгорочни решенија за развој на одбранбените капацитети и во услови на потенцијални закани.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски истакна дека Армијата слави 33 години континуиран напредок и безбедност на граѓаните. „Она што сме денес – високоорганизирана и почитувана армија – е резултат на трудот на сите војници и вработени во одбраната. Благодарение на нив, Македонија денес ја гради својата улога како НАТО членка,“ изјави тој.

Владо Мисајловски, министер за одбрана

Мисајловски нагласи дека вложувањата во одбраната даваат видливи резултати. Меѓу новитетите кои се набавуваат се лесни оклопни возила, артилериски системи „Боран“ од Турција, пешадиско вооружување, инженерска и АБХО-опрема, како и современи средства за комуникација и сајбер-одбрана. Минатата недела, како што соопшти министерот, пристигнале 29 нови лесни оклопни возила од американско производство, а годинава се очекува и дополнување на арсеналот со возила „Stryker“.

„Граѓанските вложувања во одбраната ги користиме плански и домаќински. Резултатите се гледаат во модернизираниот арсенал, но и во новата генерација војници која пристигнува – во финална фаза е приемот на уште 300 професионалци,“ додаде Мисајловски.

На свеченоста свое обраќање имаше и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, кој го поздрави напредокот на Армијата и честиташе на новопромовираните старешини.

Началникот на генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски на доделувањето на признанија

(К.М.)

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ