Многу повеќе од законски предвидените шари до државниот буџет добиле партиите за платено политичко рекламирање (ППР), констатира Државниот завод за ревизија (ДЗР) во денеска објавениот извештај за работата на Државната изборна комисија (ДИК). Наместо 33,33% од средствата на оваа програма да бидат наменети за надомест на трошоците на учесниците во изборната кампања за платено политичко рекламирање, планирани се 50% од средствата, додека за останати изборни дејствија наместо 66,67% планирани се 50% од средствата. Во одобрените буџетски средства за програмата, средствата за платено политичко рекламирање учествуваат со 43%, а средствата за останати изборни дејствија учествуваат со 57%. Ваквата состојба има за ефект прелевање на 129.453 илјади денари наменети за останати изборни дејствија, за исплата на трошоци за платено политичко рекламирање на учесниците во изборните кампањи.
Поради тоа, ДЗР препорачува преиспитување на начинот на распределба на средства за платено политичко рекламирање на учесниците во изборните кампањи.

Друг проблем со платеното политичко рекламирање се несоодветните критериуми за распределба на парите од буџетот за партиите кои се рекламираат за време на кампањата во медиумите.
Според Изборниот законик, најмногу 45% од средствата може да искористат двете најголеми политички партии од позицијата кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови; најмногу 45% од средствата може да искористат двете најголеми политички партии во опозиција кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови; најмногу 7% од средствата може да искористат политичките партии во Собранието на Република Македонија кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група и најмногу 3% од средствата може да искористат политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Македонија или кандидати.
„Сметаме дека вака уреденото платено политичко рекламирање, односно: – распределбата на вкупните средства според принципот 45%, 45%, 7% и 3%, не обезбедува објективни критериуми за распределба на јавните средства, давајќи значителна предност на најголемите парламентарни партии, притоа ограничувајќи ги можностите на останатите партии и независните кандидати да ги претстават своите програми на радиодифузерите, електронските и печатените медиуми; и – одредбата за склучување на претходен писмен договор помеѓу учесниците во изборната кампања, создава можност распределбата на средствата да се врши на различен начин и % (процент) помеѓу политичките партии во позиција/опозиција/политичките партии во Собранието на Република Северна Македонија кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група/политичките партии кои не се застапени во Собранието или кандидати, без притоа да постои јасно утврдени мерливи критериуми за распределба на овие средства“, пишува во Извештајот на ДЗР.
Ревизијата е на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Државна изборна комисија, на сметката на основен буџет (637) за 2024 година. Меѓу утврдените клучни слабости, покрај делот со платеното политичко рекламирање, утврдено е и дека пописот на средствата и обврските не е извршен на законски пропишан начин, има недоследна примена на одредбите од Законот за јавни набавки во одредени постапки, не е извршена процена на вредноста на дел од недвижностите, ненавремено и некомплетно доставување на потребната документација за трошоците за спроведените изборни дејствија на изборните органи.
ДИК на радиодифузерите и печатените медиуми и интернет порталите, за рекламирање на учесниците во Парламентарните избори 2024 година им исплати 3.979.984 евра.





