Усвојувањето на законската легислатива во правосудството во Србија ја прели чашата и како што објави еврокомесарката за проширување Марта Кос, ЕУ одлучи да ги стопира сите натамошни исплати од Планот за раст. Одлуката останува додека не се изјасни Венецијанската комисија.
-Европската комисија постојано проценува дали се исполнети релевантните услови за поддршка во рамките на финансиските инструменти на ЕУ. Ова е дел од нормалната имплементација на овие инструменти и се применува во текот на целиот процес, вклучително и кога станува збор за планот за раст во фазата на секое барање за плаќање. Значи, претходно изразивме загриженост предизвикана од неодамнешното усвојување на судското законодавство во Србија, и сега очекуваме Србија целосно да го спроведе итното мислење на Венецијанската комисија за ова законодавство, кажа на попладневниот брифинг за новинари во Брисел, портпаролот Маркус Ламер.
Портпаролот појасни дека комесарката Кос конкретно рече дека Европската комисија ги запрела сите пари од планот за раст за Србија поради тековниот проблем со судските закони и назадувањето во владеењето на правото. Нема формална одлука на Европската комисија, но и не мора да има бидејќи запирањето на средствата останува, додека тековно се следи и е дел од нормалната имплементација на овие инструменти.
-Комесарката рече дека нема да има понатамошно плаќање, кажете го како сакате, појасни портпаролот.
-Засега ги суспендиравме сите исплати според Планот за раст (кон Србија), бидејќи таа повторно назадува во однос на судството. И додека не го исправи тоа, нема да може да добие финансиска поддршка од Европската Унија, соопшти комесарката Кос, додавајќи дека Србија денес е многу поларизирана, дека е кандидат за членство во Европската uнија повеќе од 10 години и дека „за жал, назадува“.
„За жал, видовме дека назадува, особено кога станува збор за вредностите за кои зборував претходно – законите, демократијата, слободата на говорот и, особено, слободата на медиумите. Постои иднина за Србија во Европската Унија, но курсот мора да се врати или да се изрази посилно во постапките на политичарите“, рече Кос.
Таа, исто така, ја критикуваше геополитичката позиција на Србија.
„Имаме правило дека земјата што сака да стане членка на ЕУ мора целосно да се придржува кон надворешната и безбедносната политика на ЕУ. Ова значи дека не можете да седите на две столчиња. Во одреден момент, Србија ќе мора да одлучи што е најважно за понатамошен развој“, рече Кос.






