Вечерва нема да биде тажна, барем нема да биде до толку тажна за да нè предизвика на тешки емоции бидејќи Васил Рингов беше многу ведар човек, пред сè вечен младич како што го нарекува Срѓан Ивановиќ во неговиот предговор, така што очекувам една таква енергија да преовладува оваа вечер, рече уредничката Бисера Бендевска на почетокот на промоцијата на автобиографската книга „Фудбал под сенка“ на спортската легенда.
И се ќе беше убаво доколку вчер вечерта беше присутен и тој, како што било планирано, но судбината мислела поинаку, па Васил Рингов не ј дочека промоцијата. Беше шок кога на ненадејно почина на 23 декемри минатата година.

-На сите ќе ни беше мило да беше тука, да ја слушнеме струмичката нагласка на Васе, како изворно раскажува за својот живот. Оваа книга нему му беше многу важна. Жал ми е што задоцнивме со нејзиното објавување. Секогаш спиеме на едно уво дека имаме време да ги направиме работите и секогаш нешто друго е малку поважно од тоа што вистински е важно, рече Бенддевска најавувајќи ги авторот на книгата Срѓан Ивановиќ и Марио Рингов, помалиот син на Васил.
Да беше жив Рингов, вчерашниот ден ќе имаше посебно значење, не само промоцијата на автобиографијата туку и вчера ќе наполнеше 70 години.
-Со Васе сме, нормално, доста повозрасен од мене, кога тој беше познат фудбалер јас бев дете. Значи, буквално со него го научив фудбалот. Но се познававме ние, јас новинар, тој ветеран фудбалски, и кога беше пред две години промоцијата на мојот последен роман, тој ми пишува: „Не можам до горе да се качувам, ајде долу да се видиме со книгата“. Му ја сочував книгата, се видовме по два дена, пиевме кафе и тој ми вели: „Ќе ја прочитам и веднаш ќе ти кажам… Си реков-како не сега фудбалер ќе чита книги“. Искрено, така помислив, и навистина следниот ден ми се јави и вика: „Одлична е книгата, те молам пак да се видиме“. Се видовме и тој ми вели: „Сакам ти да ја пишуваш мојата биографија“.

Тој со часови раскажуваше, јас запишував. Имам снимен материјал на лаптоп како он зборува без прекин седум и пол часа. Во книгата најмалку се зборува за фудбалот. Велеше: „Нејќам да пишуваме за головите, бидејќи тие ги има на YouTube. Нејќам да зборуваме колку јас победи сум имал, тоа го има на Википедија. Сакам да зборувам за животот“. Неговиот живот е трилер приказна, навистина посебен. Ме импресионира една негова реченица: ’Мене фудбалот многу не ми интересираше. Јас не го сакав премногу. Јас се занимавав со фудбал бидејќи тоа добро знаев да го работам. А да знаев добро да свирам, јас ќе бев свирач, ќе бев музичар‘. Така што за жал загубивме многу голем човек, рече авотор Ивановиќ.

Синот на Рингов, Марио од ветераните на ФК „Тетекс“ доби дрес со бројот 11, кој на времето го носел Васил.
Дека Рингов не бил само фудбалер, туку и уметник на теренот рече неговиот колега Дарко Панчев, кој гто совладаа емоции и заплака додека зборуваше.

-Неговата способност да ги обедини луѓето, без разлика за кој клуб навиваат или од каде доаѓаат, беше неговата најголема дарба. Васе секогаш велеше: „Животот е краток за да бидеме сериозни цело време“. Токму тој дух го гледам вечерва во сите вас. Васе во Вардар опфати две генерации и беше лидер во двете генерации.
Навистина беше исклучително интелигентен, паметен, забавен. За играчките способности не се зборува, значи феноменален играч. Јас, Васе и Горде Здравков како тројка напад, бевме најефикасни во тоа Југословенско првенство една година. Јас и Васе бевме меѓу трите најдобри голгетерски тандеми во Југословенското првенство. Бевме страв и трепет. За неговите врлини многу добро знаеме и навистина беше топ човек. Нѐ изненади сѐ ова што се случи пред некој месец, рече Дарко низ солзи.
В.М.
Фото: Вангел Тануровски






