Донесен е документ од Советот на општината Штип, со кој повторно се тргнува во постапка за продажба на мнозинскиот пакет на АД Брегалница 2008 од страна на општината Штип, која е моментален целосен сопственик на истоимениот фудбалски клуб. Ќе се понудат 128 акции на клубот во износ од 1172 евра по акции или вкупно 150,000 евра во денарска противредност пресметана во средниот курс на Народна банка на денот на реализација наци. На седницата на Советот на општината не беше споменато името на купувачот, за кој повеќе од еден месец е познат на пошироката јавност. Постапката е таква, што по купувањето на акциите на Македонската берза, ќе се соопшти купувачот.
Денеска усвоениот документ ги поставува правилата на партнерството и обврските и привелигите на купувачот акционер од една страна и општината Штип, која ќе стане немнозински сопственик.
Клубот го задржува името Брегалница, а го добица правото на користење на трите градски стадиони. Тој на кој сега ќе игра новиот прволигаш Брегалница и помошните терени во Бело Брдо и Сиутлакот. Околу парите – Општина Штип како како малцински акционер во ФК Брегалница ќе има обврска да дава минимален годишен придонес за финансирање на тековното работење, односно доколку клубот е во Првата фудбалска лига во износ од 15 милиони денари, а во Втората фудбалска лига, минималниот финансиски придонес којшто ќе го дава општината ќе биде 9 милиони денари.
-Во однос на купувачот и мнозински акционер, минималните годишни придонеси во акционерското друштво – доколку клубот е во првата фудбалска лига треба да изнесува 30 милиони денари, а доколку е во втората фудбалска лига треба да изнесува 15 милиони денари. Трошоци за одржување на средната површина, електричната енергија и и другите комунални расходи коишто ќе се појават на Градскиот стадион и на другите стадиони ќе останат на товар од општината. При тоа, износот на овие трошоци ќе биде пресметан во годишната сметка на крајот на годината односно на почетокот на наредната година и ќе се сметаат за финансиски придонес на општината во самото акционерско друштво коешто пак ќе придонесе при распределбата на добивката на крајот на годината, го објасни договорот Вишна Шорова Ангелова, секретар на општината Штип.
Интересен е делот на распределба на добивката, која ќе се дели на два различни начини односно кога ќе се утврди со годишната сметка дека акционерското друштво работело претходната година со добивка, а доколку добивката произлегува од трансфери на играчи добивката ќе се дели 20 отсто за општината, додека 80 отсто за мнозинскиот акционер.
Меѓутоа доколку има добивка или дел од добивката е како резултат на други приходи коишто не се во категоријата трансфери на играчи, тогаш добивката ќе се дели пропорционално на финансиските придонеси коишто акционерите ги имаат во самото акционерско друштво.
-Општина Штип во овој дел добивката нема да ја врати на сметката на општината, туку ќе ја реинвестира или ќе ја додаде како дополнителен финансиски придонес во самото акционерско друштво, додека купувачот има можност или да ја добие својата сметка или пак повторно да ја инвестира или да ја даде како финансиски придонес, кажа Шорова – Ангелова.
Општина Штип како и досега ќе номинира свој претставник во рамки на акционерското друштво којшто ќе ги а следи донесувањето на одлуките и финансиското работење на клубот. Меѓутоа општината ќе нема можност да придонесува или да учествува во донесување на одлуки во делот на спортот.
Купувачот на акциите од своја страна, ќе има обврска да потпише договор и со другите младински клубови во ненатпреварувачки категории, при што децата и младинците коишто тренираат во другите клубови а не се во Брегалница на територија на општина Штип ќе имаат можност најпрво да бидат селектирани во фудбалскиот клуб Брегалница, согласно правилата на Фудбалската федерација на Македонија.
Познато е дека Германецот Франк Петер е најавен како нов купувач на акциите на новиот прволигаш Брегалница, по неуспешната продажба минатата година. Иако се очекуваше побрзо да се заврши постапката, неофицијално имаше информации дека дошло до натегање околу тоа што добива купувачот. Ова од друга страна го забави и процесот на редовната работа со фудбалерите, кои имале и една неисплатена плата, а дел најавиле и заминување.





