Зиков е новиот амбасадор на Русија во Македонија

Со предавањето на акредитивите на министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски на 27 март, и официјално Руската Федерација има нов амбасадор во Македонија. Тоа е Дмитриј Зиков (57), кој пред назначувањето за амбасадор беше заменик-директор на Вториот европски оддел на руското Министерство за надворешни работи.

„Шефот на дипломатијата му посака добредојде на новиот Амбасадор. Од руската страна беше истакната подготвеност за градење на меѓусебно корисни, рамноправни односи врз основа на почитување на националните интереси“, соопшти Амбасадата на Руската Федерација во Скопје.

Рускиот претседател Владимир Путин го назначи Дмитриј Зиков за амбасадор на Русија во Македонија на 25 декември 2025 година. Амбасадата во Скопје неколку месеци работеше со в.д. амбасадор, откако беше повлечен Сергеј Баздикин, без да се даде објаснување. Баздикин беше амбасадор од 2018 година.

Новиот руски амбасадор Зиков е дипломат од кариера.Дипломирал на Институтот за азиски и африкански земји при Московскиот државен универзитет „Ломоносов“ во 1992 година. Зборува англиски, турски и француски јазик. Има дипломатски чин вонреден и ополномоштен амбасадор од прва класа, доделен во јуни 2025 година.

Во дипломатска служба е од 1997 година. Работел на разни позиции во централната канцеларија на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација и во странство. Во периодот 2009-2011 година, бил раководител на одделение во Четвртиот европски оддел на Министерството за надворешни работи на Русија; во периодот 2011-2016 година, бил министер-советник на Амбасадата на Руската Федерација во Република Хрватска; во периодот 2016-2025 година, бил раководител на одделение и заменик-директор на Четвртиот европски оддел на Министерството за надворешни работи на Русија. Од јануари 2025 година, е заменик-директор на Вториот европски оддел на Министерството за надворешни работи на Русија.

Зиков беше награден со Медал на Орденот „За заслуги на татковината“, 1 степен (2018) и голем број други државни и одделенски награди.

Во време кога владата ја предводеше СДСМ, од амбасадата на Русија во Скопје беа протерани неколку дипломати.

На 28 март 2022 година тогашниот амбасадор Баздикин беше повикан во македонското МНР, во време кога министер беше Бујар Османи, каде му беше врачена дипломатска нота, со која петмина вработени во Амбасадата на Руската Федерација се посочени како непожелни во земјава или персона нон грата. Една година порано, во мај беше протеран еден дипломат, а на 12 септември, без објаснување на причините, беа протерани уште тројца руски дипломати на Руската амбасада.

Фото: Министерство за надворешни работи на Русија

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ