Страотниот пожар во швајцарскиот ски-центар Кран-Монтана, ги отвори раните од Кочани, кога ние тагувавме. Токму затоа роднините на загинатите во пожарот во „Пулс“, кои се обединети во Здружението „16-ти март 2025“, до Швајцарската амбасада испратија многу емотивно писмо со сочуство и солидарност со семејствата на настраданите.
Во писмото, кое ви го пренесуваме во целост се вели:
-Со скршено срце ја примивме веста за трагичната несреќа во Швајцарија. Веста нè врати таму каде што болката никогаш не замина — во моментот кога животот засекогаш се подели на „пред“ и „по“ .
Ние, семејствата на починатите во пожарот во „Пулс“ – Кочани, знаеме што значи ненадејно да ти се урне светот. Знаеме како боли кога ќе остане празно столче, кога тишината зборува погласно од зборовите, кога секој здив е тежок. Нашите мисли, молитви и срца се со семејствата на загинатите, со повредените и со сите кои ја носат оваа незамислива болка. Од срце сме со вас — не како набљудувачи, туку како луѓе кои ја носат истата рана.
Во вакви моменти, единственото што има вистинска вредност е човечноста, солидарноста и подадената рака.
Да знаеш дека не си сам во болката.
Изразуваме најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите.
На повредените им посакуваме сила и надеж за закрепнување.
Стоиме на располагање за сè што можеме да помогнеме — со разбирање, со тивка поддршка и со срце што знае.
Нека почиваат во мир оние што заминаа, а на живите нека им биде дадена сила да продолжат





