Новиот претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов, смета дека треба да се отвори прашањето за методологијата за пресметка на цената на струја по блокови. Ристов на денешната средба со новинарите најави анализа на четирите тарифни блока во сметките за потрошена електрична енергија. Ристов вели, нелогично е да се плаќаат четири цени за ист берзански производ.
– Мој личен став е дека се треба да се отвори и ова прашање ќе го разгледаме во наредниот период дали да има блокови или не или поинаку да се димензионираат. Ќе направиме анализа од досегашното искуство бидејќи веќе неколку години функционираат блоковите и е важечко решение. Воедно, од искуствата од регионот ќе видиме како може да се направи нешто и дали може да се направи нешто подобро во интерес на крајните потрошувачи, рече Ристов .
Дали со евентуално укинување или намалување на блоковите може и да се намалат сметките за струја на граѓаните? Тоа треба да го покаже анализата, но и можните решенија, кои би дале поправичен начин на пресметка.
– Неправичноста на постојниот систем е што иста енергија се плаќа по разни цени. Енергијата е берзанска стока со цена и оној што произведува ја продава по иста цена, а сè друго е социјална категорија која треба да се усогласува со државата. Не може да постојат пет цени за ист производ. Затоа ќе ги разгледаме искуствата од примената на тарифниот систем и ќе направиме анализа од која ќе зависи што ќе правиме во иднина, кажа Ристов.
Што се однесува до топлинска енергија дали ќе има покачување на цената на топлинската енергија за крајните потрошувачи, ќе се знае кон крајот на јули бидејќи поднесувањето на барањата на компаниите што работат во овој сектор е заклучно со 30 јуни. Меѓутоа, очекувањата се дека ќе нема значајни промени, бидејќи за разлика од нафтата, , цената на гасот не порасна на светските пазари.







