Создадовме проект, кој ќе ги помине границите на државава! Со ова се сложија сите учесници во создавање на мјузиклот „Као какао“, чија премиера ќе се случи на 2 и 3 јуни во МНТ.
„Баги комуникации“, заедно со МНТ, на музика на Влатко Стефановски и текст на Венко Андоновски изминативе месеци го создадоа мјузиклот „Као какао“, кој по многу нешта има големо значење за македонската култура.
-Ова е навистина еден исклучително голем зафат, можеби еден од најголемите во приватната продукција во последните десетина години. Тимот брои повеќе од 50 луѓе и имаме сериозни преговори за гостувања во Србија, Хрватска, Словенија, Босна… Ова е проект којшто нема да остане само во Скопје и само во Македонија. Музиката на Влатко Стефановски и „Леб и сол“ е југословенско, односно регионално културно наследство и сите го доживуваат како свое. Приказната е емотивна, топла, скопска, а музиката е онаа што сите нè спојува. Силно верувам дека публиката ќе ја почувствува целата таа љубов и енергија што ја вложивме и дека со иста со исто такво уживање ќе ја гледа претставата, како што ние уживавме додека ја со создававме, рече Маја Бабиќ, продуцент на овој проект, претставник на „Баги Комуникации“.

Режисер на проектот е Дејан Пројковски, кој рече дека во мјузиклот е создадена душата на старото Скопје. -Мислам дека сите заедно ја создадовме таа магија, ја создадовме душата на старото Скопје. Всушност, што е душата на старото Скопје, а тоа се луѓето. Мислам дека тој хумор, таа љубов, таа посветеност, таа верба ја има во овој мјузикл, односно како што вели ликот што го игра Гудмен, важно е во животот, ако човек верува, од гасеница со работата да стане пеперутка, бидејќи останатите луѓе се раѓаат и умираат како гасеници. Мислам дека е тоа лајтмотивот, бидејќи самиот мјузикл има една многу важна, убава порака – дека нашата одлука и верба одлучува дали е Скопје крајот или почетокот на светот. Се обидовме некако да пливаме слободно во морето наречено „Као какао“ и да создадеме една музичко-сценска форма којашто произлегува пред сè од од музиката на Влатко, од неговите текстови, од потоа Венко земајќи ја таа инспирација ја претвори во текст, и заедно со актерите, со музичарите создадовме мјузикл. „Као какао“ е културен продукт на којшто ќе се радуваме сите заедно, бидејќи по најавите што ги гледаме од регионот, ќе имаме една многу долга и интересна животна приказна на овој мјузикл и ќе создадеме дело коешто ќе биде важно за регионот, рече режисерот Пројковски.
Влатко Стефановски, по чија музика е правен мјузиклот е презадоволен од она што досега го видел.

-Сите знаеме дека во Македонија потенцијалите и талентите се многу поголеми отколку што е реализацијата. И би било добро да се случи реализација која парира на тие таленти. Себеси тука се исклучувам, мислам на младата генерација со голема страст и желба за живот. Тоа што тука и мојата музика игра некаква улога, ми чини особена чест, затоа што се тука се дава еден нов живот, се продолжува жиивот на таа музика и на тие песни што сум ги пишал во изминативе педесетина години. Од првата проба бев воодушевен. Возбудливо е да се да се гледа како расте еден еден проект, посебно еден мјузикл кој во себе ги интегрира сите можни театарски жанрови. Се надевам дека ќе ни носи само радост. Голема енергија е во прашање, што зборува дека никој сам не може нити да успее, нити да го одржи тој успех. Очекувам спектакуларна премиера, рече Стефановски.

На крјот од чресот еден од спонзорите посака Влатко да му потпише гитара, што си ја купил, иако е спортист и има колекција на дресови.
Во „Као какао“ играат: Владимир Петровиќ, Катерина Јовановиќ, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Рубенс Муратовски, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Јордан Симонов, Антонио Ташковски, Дениз Абдула, Јована Миладинова, Тања Кочовска, Јована Спасиќ, Димитар Паскоски, Илин Јовановски, Анастасија Трајковска, Тодор Стојковски, Бранко Михајловски, Леонида Гулевска, Ѓорге Нешковиќ, Анастасија Митровска.




