Кочани: Александар Андов противзаконски обавува две јавни функции, посочуваат Антикорупциска и советници

Претседателот на Советот на општина Кочани Александар Андов истовремено е и директор на кочанското основно училиште „Никола Карев“. Две јавни општествени функции, кои истовремено се и во судир – директорот Андов одговара пред советникот Андов. Решението да се иззема во случаите кога Советот одлучува во врска со неговата работа како директор не е дозволиво, констатира Државната комисија за спречување на корупцијата, која посочува дека според законот никој и во никакви околности не може да обавува истовремено две јавни функции, без разлика на кое ниво на власта тие функции се наоѓаат.

Антикорупциска смета дека паралелното вршење на функциите директор и член на совет на општина се неспоиви според Закон

На сето ова посочуваат група советници од кочанскиот совет, кои се дел од независната советничка група составена од четворица советници.

„Овде имаме официјален документ од Државната комисија за спречување на комисијата, кој вели: Вршењето на функција директор на основно училиште е неспоива со функцијата член на совет на општина Кочани. Ние за ова веќе реагиравме и членот на советот кој има судир на интереси ни одговори дека и во претходните совети имало директори, кои само платиле казна. А правото велело дека за едно дело казна не може да се плати двапати. Ако е така, тогаш испаѓа дека кршењето на законот е само услуга која се наплаќа. На претенциозноста на ВМРО ДПМНЕ и нема граници, игра на сила и надмоќ, затоа што мислат дека никој ништо не им може“, вели Филип Цветанов, советник во Советот на општина Кочани.

Филип Цветанов, независен советник во Советот на општина Кочани

Независните советници покренуваат иницијатива пред Советот за Одлука за Мислењето од Антикорупциска:

„Нашата советничка група на следната седница на Советот на општина Кочани ќе стави точка на Дневен ред – Одлука за Мислењето на ДКСК. Мнозинството ќе треба да постапи правилно, доколку не постапи правилно, ќе треба да бидеме принудени да одиме кон повисоки надлежни судски инстанци“, додава Цветанов.

Директорот, советник и претседател на Советот, Александар Андов, на една од претходните седници на Советот даде одговор на Мислењето од Антикорупциска:

„Имаше советници и во претходниот мандат кои што беа директори во истиот временски период и советници, платија некоја глоба, не знам колку беше казна и потоа правото вика дека не може за истата работа да се плаќа двапати, продолжија со својата работа и тука завршува“, рече Андов од советничката говорница.

Александар Андов, претседател на советот на општина Кочани и директор на ОУ „Никола Карев“

Но, тоа што имало претходна пракса на кршење на законот, независните советници не ги интересира, вели советничката Благица Сабовљевиќ Стоименова:

„Нашето мото е „Доста беше!“. Нас не не интересира како било порано, ние ништо не измислуваме, ниту топла вода, ниту нови закони. Едноставно имаме цврст став да почнат веќе да се практикуваат законските прописи секаде“, вели Стојменова.

Благица Сабовљевиќ Стоименова, независна советничка во Советот на општина Кочани

Законот, како што вели советникот Никола Крстев, е многу јасен:

„Законот е многу јасен. Лицето не може да ги обавува двете функции. Тој и да плати казна, не значи дека има право да продолжи да го прави истото. Таму е многу убаво наведено дека мора да отстапи од едната функција. Во овој случај не е така, туку тој ги обавува двете функции – претседател на советот и директор на основното училиште. Наредната седница ако не се усвои, натаму одговорноста ќе биде нивна и само нивна. Ќе видиме како ќе се одвива целата постапка, дали на Уставен или на Управен суд“, вели Никола Крстев.

Никола Крстев, независен советник во Советот на општина Кочани

Канал 77 го праша градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов, за став во врска со случајот, но тој рече дека не е запознаен со мислењето на ДКСК и дека дополнително ќе даде став.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ