Кој е Аце Циганот? Не одлежа ден затвор за убиство, а ќе продолжи и да си издава соби на туристи во Грција

Убиство кај ЗОИЛ, среде улица полна со луѓе, пред очи на сите минувачи! Ова беше шокантната вест едно попладне во длечната 1997 година, кога сите беа шокирани дека во „оазата на мирот“ и не е се така мирно, како што сите сакавме да веруваме по осамостојувањето на Македонија.  Уште пошокантно беше  тоа што, како што се дозна, убиец е човек од обезбедување токму на претседателот Киро Глигоров. Тогаш сите дознаа за Ацо Боцевски-Циганот, но и за тоа кој се го обезбедувал претседателот. Граѓаните уште не излезени од шок ги стрефи уште еден, Циганот е пуштен од притвор и побегнал преку граница. И ког сите мислеа дека тој веќе фатил на Запас, по 28 години се дозна дека тој мирно си живеел на само стотина километри од Скопје, си издавал апартмани на туристи и си уживал во бизнисот. А казна? Имаше, но никогаш не ја отслужи.

Но, кој е Аце Циганот? Што пишуваа тогаш медиумите, освен дека уште тогаш криминалците и полицијата имале соработка и кој го спаси од затвор?

Ацо Боцевски-Циганот (36) од Скопје се бара за убиство на Ибраим Сеат, извршено во 1997 година. Циганот, по претходна тепачка, со автомобил го пресретнал Сеат на булеварот Кочо Рацин и му го попречил движењето на автомобилот. Сеат изгубил контрола над возилото и се удрил во друг автомобил, по што Циганот истрелал во него неколку куршуми од непосредна близина.

Весникот Време  во 2005 година пишува дека:

Ацо Боцевски, познат по прекарот Циганот, до ноември 1997 година им беше познат само на оние што имаат некаква врска со скопското подземје. Подоцна ќе се открие дека Циганот претставува класичен пример на сомнителна соработка меѓу криминалците и полицијата. Вечерта на 24 ноември 1997 година, по една пијанка кај пријател, Боцевски се враќал со својот автомобил од Скопје кон населбата Драчево. Пред зградата на тогашна ЗОИЛ „Македонија“ го забележал „мерцедесот“ на Сеат Ибраими, негов „колега“ од подземјето, со кого одамна имал нерасчистени односи. Ибраими возел накај центарот на Скопје. Боцевски свртел полукружно и брзо го стигнал Ибраими. Бегајќи, Ибраими удрил со „мерцедесот“ во жардиниерите во близината на ЗОИЛ. Трката по таа улица траела десетина минути. Ибраими стигнал и да му се јави на еден пријател по мобилен телефон и да му каже дека го брка Циганот. По ударот во жардиниерите, Ибраими излегол од автомобилот. Во тој момент Боцевски го застрелал со неколку куршуми, пред очите на многу случајни минувачи. По убиството Боцевски го оставил пиштолот на улица и и се предал на полицијата. Многу скопјани ќе кажат дека по тој настан Скопје почна да личи на Чикаго од времето на прохибицијата и на мафијашките престрелки. Но, „филмот“ со Боцевски допрва почнуваше. Во Основниот суд Скопје 1, по неколку месеци се одржа судењето за случајот, кое колку што беше драматично, толку беше и смешно, за на крајот да стане – сомнително. „Судија јас сум удрен од десната страна, ниту слушам, ниту гледам како треба. Се ми е испомешано во главата“, се правдаше Боцевски пред судијата. Тој беше осуден на 15 години затвор за убиство. Меѓутоа, судот одлучи да биде на слобода додека пресудата не стане правосилна. Ќе останат запаметени неговите зборови по излегувањето од судот, кои навестуваа многу работи: „Да живее Македонија, секогаш ќе се борам за Македонија!“ Боцевски беше пуштен од истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари. Оттогаш, освен еден куп шпекулации и разни приказни, никој не знае каде е. На интернет-страницата на МВР се уште стои неговата фотографија. Сепак, убиството на Ибраими не беше единственото недело на Боцевски. Во полициските архиви постојат многу записи за тепачки, оружени престрелки и што ли уште не, во кои главната улога ја имал токму Боцевски. Како тогаш Боцевски не завршил во затвор? Медиумите тогаш открија дека Боцевски е многу близок со полицискиот началник Диме Ѓурев. Се пишуваше дека Циганот е негов човек, односно дека токму Ѓурев постојано го спасувал опасниот криминалец од затвор. Ова, како и вообичено во македонското полициско-криминално милје, никогаш не се докажа, ниту пак надлежните во внатрешната контрола на МВР поведоа истрага за овие сознанија. Што се однесува до Боцевски, многумина од скопското подземје не уверуваат дека тој живее и работи во Солун. Некои велат дека од таму и раководи со своја група рекетари што оперираат во Скопје. Едно време се шпекулираше дека заминал за Аргентина. Како и да е, убиството на Ибраими стана уште едно црно петно во историографијата на МВР и на скопските судови, кое денес се спомнува само одвреме-навреме од понекој политичар што сака да сака да ја критикува власта за растечкиот криминал во државава.

Тогашниот портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Бичиклиски  за медиумите тогаш изјави дека додека Бранко Црвенковски бил на власт, биле штитени криминалците меѓу кој и Ацо Боцевски–Циганот кој е осуден за убиство.

Ова е интегрален текст од изјавата на Бичиклиски:

– Во 1997 година во време кога Бранко Црвековски е премиер, токму на ова место тука се случи каубојска пресметка, при што обезбедувачот на СДСМ, Ацо Боцевски–Циганот го застрела лицето С. И. Ацо Боцевски важи за исклучителни близок до власта на Бранко Црвенковски. Оваа престрелка која се случи сред бел ден, во присуство на многу очевидци беше пресметка на криминалното подземје. Вистинска среќа беше што немаше невини жртви, истакна Бичиклиски. Ова беше класичен пример на соработка меѓу криминалците и Власта на Бранко Црвенковски. Таа соработка се покажа на дело. Аце Боцевски иако осуден на затворска казна од 15 години. на 30 јуни 1998 година во време кога Бранко Црвенковски и СДСМ се на власт, беше буквално пуштен од затвор и му беше овозможено да избега надвор од државата. Овој случај се заведе како бегство. Очигледно Бранко Црвенковски премногу му должел на обезбедуваот на СДСМ Аце Боцевски, нагласи портпаролот на владеачката партија Александар Бичиклиски. Овој човек долги години наназад беше заштитуван од полицијата. Тој беше еден од лицата кој учествуваше во инцидентот во дискотеката во Хард Рок, инцидент кој се случи повторно кога Бранко Црвенковски е премиер на РМ. Случајот Аце Боцевски е пример за тоа како владееше Бранко Црвенковски. Со заплашувања, уцени, мистериозни убиства, соработка и заштита на криминалот и криминалците.

Аце Циганот во мај беше уапсен во Катерини, Грција, а утрово стаса информација дека може да продолжи да ужива, делото застарело и нема да оди во затвор, ниту, пак, ќе биде екстрадиран во Македонија.

МИА пренесе дека македонскиот државјанин, баран со европска потерница за убиство пред 28 години што беше уапсен на крајот на мај годинава во грчкиот град Катерини, нема да биде екстрадиран во земјава, поради застареност на случајот, одлучил судот во Солун, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.

Со отфрлање на барањето за екстрадиција, судиите одлучиле и да му ја укинат мерката притвор.

Пред солунскиот суд, објаснил дека откако бил пуштен од притвор, побегнал и се преселил во Грција и дека сега има бизнис со соби за изнајмување во областа Пиерија.

-Тој, преку своите адвокати, изјави дека во тој период служел во личното обезбедување на тогашниот претседател на државата, Киро Глигоров и дека бил на мета од политички причини. Според неговите тврдења, бил задржан во притвор 90 дена, по што бил пуштен на слобода, а потоа избегал со пасош издаден од властите на неговата земја и се преселил во Грција, пишува АНА-МПА.

Со оглед на тоа што изречената казна е пред 20 години, согласно грчкото кривично право е застарена и затоа судиите го отфрлиле барањето за негова екстрадиција во Северна Македонија.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ