Кој шпионирал во Кабинетот на Претседателката? – Обвинителство со објаснување

Шпионски скандал за кој наводно имало обиди да се забошоти го тресе Кабинетот на Претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Дека се истражува, потврдува и Обвинителството.

Случајот почнува со пријава до ОЈО ГОКК, по добиено известување на лани на 18-ти декември, доставено од Министерството за внатрешни работи – Сектор за компјутерски криминал. Пријавата се однесува на настан од 24-ти ноември 2025 година и постоење индиции за преземени недозволени активности од висок државен интерес, истиот ден отвори предистражна постапка и веднаш ги презеде сите неопходни мерки и активности согласно своите законски надлежности.

Според изнесените информации, се работи за вработен во Кабинетот од ИТ сектор, висок службеник и луѓе од владини институции.

Во продолжение, информациите од ОЈО ГОКК:

-Во рамки на постапката, до Основниот кривичен суд беше доставено Барање за издавање наредба за пребарување на компјутерски систем, со цел утврдување на содржините што евентуално биле неовластено преснимени од информативниот систем во Кабинетот на Претседателката. Истовремено, беа издадени и наредби за екстракција на податоци од персонални и лаптоп компјутери доставени до МВР од Кабинетот на Претседателката.

Дополнително, до Кабинетот на Претседателката беше упатено барање за доставување копии од видео записите од безбедносните камери поврзани со пријавениот настан, за периодот во кој истиот се случил.

На 30.12.2025 година, до МВР – Сектор за компјутерски криминал, како надлежен орган за откривање кривични дела и обезбедување докази, беше доставена наредба за анализа на екстрахираниот доказен материјал.

На почетокот на 2026 година, по добиено известување дека Кабинетот на Претседателката не располага со копии од видео надзорот, бидејќи опремата е набавена преку СОЗР, а надлежноста за ракување и чување на записите е кај МВР, предметниот јавен обвинител се обрати и до СОЗР и до МВР за нивно итно обезбедување. Од СОЗР беше добиено известување дека институцијата не располага со видео записи, туку дека нивната надлежност се однесува исклучиво на набавка на опремата, додека чувањето и располагањето со копиите од записите е во надлежност на МВР.

И покрај тоа, од страна на МВР до денес не се доставени повратни информации, ниту известување за преземени дејствија во врска со обезбедувањето на копиите од видео надзорот.

На 16.03.2026 година, МВР достави известување за дел од преземените активности кои се однесуваат на обезбедување пристап до криптираните податоци од дотогаш екстрахираната компјутерска опрема. Воедно, до ОЈО ГОКК беа доставени и два мобилни телефони одземени од пријавениот, со барање за нивна екстракција во Истражниот центар на ОЈО ГОКК, по што веднаш беше издадена соодветна наредба за постапување.

Потоа, на 25.03.2026 година, имајќи ја предвид сериозноста и чувствителноста на предметот, јавниот обвинител до МВР – Сектор за компјутерски криминал достави наредба за анализа на податоците од мобилните телефони, како и заедничка анализа на податоците екстрахирани од компјутерската опрема обработена во Истражниот центар на ОЈО ГОКК. Дополнително, беше побарана и анализа на постапувањето по судската наредба за увид и пребарување во информативниот систем на Кабинетот на Претседателката, со задолжение до обвинителството да биде доставено известување за прибраните докази.

До денес, и покрај сериозноста на предметот, чувствителноста на околностите и значењето на навременото постапување, ОЈО ГОКК нема добиено известување од МВР за резултатите од преземените дејствија, ниту за прибраните докази.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ