Советниците од независната советничка група во кочанскиот Совет „Доста Беше“ поднесоа кривични пријави до кочанското Основно јавно обвинителство против градоначалникот на општина Кочани, Владко Грозданов и против претседателот на Советот на општината, Александар Андов поради констатираниот судир на интереси од страна на ДКСК кај Андов, кој не смее истовремено да ги обавува функциите директор на ОУ „Никола Карев“ и советник во советот на општината, но досега ниту Андов се повлече од една од функциите, ниту градоначалникот го разреши.
Обавувањето на две функции истовремено, кое повеќе од половина година го прави Андов, е во спротивност со членот 44 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, констатираше во јануари Антикорупциска.

„На 4-ти март како советничка група поднесовме Барање за постапување до градоначалникот на општина Кочани по изјаснетото Мислење од Државната комисија за спречување на корупција. До сега нема никаква реакција. Градоначалникот требаше досега да реагира и да го разреши од директорското место во ОУ „Никола Карев“ претседателот на советот.
Како што е наведено и во Упатството при судир на интереси во политиката на општина Кочани. Прашањето кое се поставува е кој кого штити во оваа политичка игра која е деструктивна за граѓаните? Дали партиски следбеници се штитат едни со други на сметка на балансот и интегритетот на институциите?
Советничката група на „Доста Беше“ нема да се откаже од разрешувањето на оваа незаконите ситуација и ги повикуваме и другите политички и неполитички актери посилно да реагираат и да ни се придружат.“ – вели советникот од советничката група на „Доста Беше“, Филип Цветанов.

Александар Андов: Добив прекршочна пријава, по крајот на учебната година ќе постапам како што предвидува законот

„Државната комисија за спречување на корупцијата веќе има постапено по овој предмет, јас имам добиено прекршочна казна, бидејќи не е кривична, туку е прекршочна, по истата имам постапено. Бидејќи е осетлив период за училиштето, а јас како директор според Законот за основно образование треба да се грижам за воспитно образовниот процес, имајќи предвид дека имам интегрална евалуација и го чекам записникот од интегралната евалуација, имајќи предвид дека најголем дел ученици се заминати или треба да заминат на екскурзии, имајќи предвид дека имаме започнати и нереализирани проекти кои што треба да се потпишат, имајќи предвид дека започнуваат уписите од денеска во самите училишта, одговорив дека на ова прашање по завршувањето на учебната година ќе постапам онака како што предвидува законот.“ – изјави Александар Андов за Радио Кочани.
(К.М.)






