Кочани денеска е политички разбранувано по кривичната пријава која независната советничка листа „Доста Беше“ ја поднесе против актуелниот градоначалник Владко Грозданов и претседателот на советот Александар Андов заради непостапувањето по Мислењето на Државната комисија за спречување на корупцијата, со кое ДКСК посочува дека обавувањето на две јавни функции на Александар Андов истовремено е противзаконски и дека истиот треба да ја напушти едната позиција или да биде разрешен од едната позиција од градоначалникот.

Веднаш по пресот на советничката листа, на прес излезе и градоначалникот Грозданов, кој посочи дека досега не го разрешил Андов, затоа што побарал автентично толкување на Мислењето на Антикорупциска – што всушност значи нивното Мислење и како треба да се постапи.
Своја изјава за Радио Кочани даде и Александар Андов, кој посочи дека има сеуште важни активности во училиштето и дека поради нив не си дава оставка и дека истата ќе ја поднесе на крајот од учебната година.
На сите овие случувања се огласи и поранешниот в.д. градоначалник на Кочани, Венко Крстевски, кој изјави:
„Градоначалникот Владко Грозданов треба да го разреши директорот на ООУ ,,Никола Карев” и да поведе постапка против него по основ ревизорскиот извештај во 2025 година.
Исто така повик до советниците на дневен ред да се стави ревизорскиот извештај на ООУ ,,Никола Карев” Кочани во 2025 година каде што се констатирани низа на нерегуларности. Инаку одговорноста по однос создавање на милионските долгови и камати не е само на директорот, таа е и на училишниот одбор. На самата точка од дневен ред да се достават и сите потпишани Договор на дело (во четири очи), кои исто така се астрономски суми и повод за нова кривична пријава, кривична одговорност има и за финансиската штета по однос на камата што настанала кон КЈП Водовод Кочани.
Наменски средства се трошени за ненаменски работи. Исто така да се види од заштедата која беше направена во делот со Основно образование (13 милиони денари) во 2025 година, по кој основ ООУ ,,Никола Карев” Кочани има добиено 8 милиони денари, а сите други четири основни училишта заедно околу 5 милиони денари.“ – изјави Крстевски.






