Лаура Ковеши со лекција за политичарите и граѓаните – најтешка е борбата со менталитетот

Главната европска обвинителка Лаура Ковеши, многу добро позната и на македонската јавност, зборувајќи денеска на Економскиот форум во Делфи, Грција упати јасни пораки до сите во регионот: „Нема чиста земја. Има корупција во сите земји“. Но, кога го криете ѓубрето под тепих, тоа не значи дека сте чисти“.

Ковеси, која го раководи новото Европско јавно обвинителство рече дека е „голем успех“, со макотрпна работа да докажат дека законот е еднаков за сите.

– Многу добро знам што се случуваше во Романија. И тоа беше корумпирана земја. А сега сум среќна да кажам дека корупцијата не се гледа како начин на живот во Романија, и многу сум горда на тоа. И слушав во тој момент дека Романија е многу корумпирана земја. И имав впечаток дека, можеби е така, можеби не. Сега, како европски главен обвинител, по пет години работа на ЕППО, знаејќи точно што се случува во 24 земји-членки, морам да ви кажам: нема чиста земја. Нема чиста земја. Има корупција насекаде. Има измами насекаде. Има измами со ДДВ насекаде. Има царински измами насекаде. Можеби нивото е малку повисоко или не. Можеби има системски проблеми или не. Но фактот дека не откривате – не истражувате – тоа не ве прави чиста земја. Кога ја чистите куќата и ја ставате нечистотијата под тепих, тоа не значи дека куќата е чиста, кажа Ковеши.

Ковеши изрази изненадување од законите во Грција, според кои како што рече, ако некој украде милион евра и ги врати, нема да одговора. Такви закони има и во неколку други европски земји.  Но, тоа под притисок на ЕУ се менува. Измами и корупција има секаде, вели Ковеши и при тоа илустративно ги објасни специфичностите на земјите.

-Да ви дадам пример: имате земја со големо пристаниште. И секогаш слушам: „О, госпоѓа Ковеши, ние немаме проблем со измами со ДДВ. Немаме проблем со царински измами затоа што не откриваме ништо“. Некои од нив имаат најчисти пристаништа во светот. Ништо не се случува таму. Но имаме огромен проблем со дрогата. И секогаш велам, врз основа на она што го знам: кокаинот не паѓа од небо. Не е како снег. Тој мора да влезе во вашата земја преку пристаништа, аеродроми, камиони, вели Ковеши.

Европската обвинителка објасни дека прв пат во историјата има европска институција која има директно влијание врз животот на граѓаните со клучна цел од самиот почеток била да се изгради доверба.

„Добиваме многу жалби од граѓаните. Тоа е она што го сакавме од самиот почеток, да ни веруваат.

Но, борбата си измамите и корупцијата, како што објасни е најтешка во еден дел – менталитетот на луѓето.

-Верувајте ми, поминав низ многу работи во мојата кариера. Нема ништо потешко од борбата со менталитети. Можете да имате совршени обвинители. Можете да имате совршен судски систем. Можете да имате совршени закони. Но, ако менталитетот е погрешен, тоа во некои земји-членки може да биде проблем“, кажа Лаура Ковеши во Делфи.

Економскиот форум во Делфи годинава го има своето 11-то издание, со 1.300 говорници и 2.000 учесници на конференцијата, меѓу кои и македонски политичари и претставници на инситуциите и власта.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ