Синоќа, во текот на вечерта беше активен голем ридски пожар во близина на Штип. Претпоставките се дека пожарот настанал од удар на гром, а пламените јазици зафатија голема површина над штипските викенд населби Плуждино и Новакова Чешма.
Во гаснењето на пожарот покрај штипската територијална противпожарна единица, учествуваа и доброволните противпожарни друштва од Кочани и Свети Николе.
„По наредба на штипскиот градоначалник Иван Јорданов утринава излеговме во 5 часот на обиколка на една од локациите каде синоќа бевме лоцирани јас и мојата екипа и за жал повторно имаше оган. За наша среќа немаше ветер, па пожарот го локализиравме за неполни 45 минути и истиот беше до викендичка која вчера за влакно ја спасивме.
Пожарот и дефинитивно е 100 % локализиран, сакам да се заблагодарам на сите доброволци, доброволни друштва, кои синоќа беа рамо до рамо со нас и се бореа машки достоинствено со огнените стихии. Ветерот предизвика пожар каков во Штип одамна не се памети, но факт е дека ниедна викендичка не изгоре, ничиј имот не пострада и горди сме на тоа, а пак ќе кажам најмногу сме благодарни на сите доброволци што ни дојдоа на испомош и дадоа се од себе, без нив ова ќе беше невозможна мисија, тоа е факт, заслужуваат голем респект од прв до последен“ – вели пожарникарот Александар Ѓоргиевски од штипската противпожарна единица.





