Секоја нова организација си носи своја новина. Годинава сите очи се вперени во познатиот карневал во Струмица, бидејќи по 30 години има ново раководство. Оттаму и прашањата што си ги поставуваат љубителите на карневалите, кои планираат да дојдат во Струмица. Што ќе понуди Струмица за овие пет дена, колку забава ќе има, од каде ќе има гости, колку ќе биде интересно.., е само дел од она што сакаат луѓето да го знаат.
„Забава, ќе има секако и тоа многу“, децидна е Танкица Стојанова, новата претседателка на Струмичкиот карневал.

-Да си на чело на Струмичкиот карневал е голема чест и задоволство, но и предизвик. Карневалот постои со векови, а последните 36 години имаме карневал кој котира на многу високо ниво. Што значи не само предизвик туку и одговорност. Имам голема среќа бидејќи новиот организационен одбор е една прекрасна екипа и функционираме буквално како еден, за да се изгледа како треба, рече Стојанова.

Карневалот почнува од 18 февруари, а ќе трае до 25-ти. Една недела Струмица ќе живее во светот на маските. Организациониот одбор се потрудил сите денови да има нешто за кое ќе се раскажува.
-Годинава новина е мјузиклот „Аладин и волшебната ламба“. Секоја година традиционално имаше концерт под маски од ОМУ „Боро Џони“, но ова година времето беше кратко, па затоа го имаме мјузиклот, во кој настапуваат 130 деца и младинци, кој е новитет. За прв пат во Струмица имаме мјузикл кој е преведен на македонски јазик а настапуваат наши деца. Во петок имаме изложба на маски од струмичките училишта, децата изработуваа цртежи , маски и разни карневалски атрубити. Изложбата е од натпреварувачки карактер и по завршување ќе се додели нагрдата. Вечерта е традиционалниот маскенбал, каде ќе се одбират принцот и принцезата. Во сабота по карневалската поворка, која е најсветлиот момент на целиот карневал, сите живееме за таа вечер, имаме концерт на светскиот а наш Кирил Џајковски. Маскирани или не сите ќе уживаме на голема забава на градскиот плоштад. Ова ни е новитет годинава и очекуваме голема дружба меѓу луѓето кои се публика и луѓето кои се под маски. Да има вистинска карневалска магија. Другото ново е што детскиот карневал во недела секогаш се одржувал на плоштадот „Гоце Делчев“, но секоја година се соочуваме со лошо време, секоја година ни врне. Затоа детскиот карневал ќе биде во салата „Парк“, па доколку е убаво времето дефилето ќе продолжи на плоштад. Ако е уаво времето тука ќе биде забавата на малите карневалисти, вели Стојанова.
Стојанов откри дека и годинава ќе има карневалски групи не само од Македонија, туку и од странство.

-Имаме 11 карневалски групи од странство, од Србија, Хрватска, Црна Гора и Бугарија. Од Македонија имаме 38 маски од Струмица и други градови. Вкупната бројка на над 1000 маски, односно учесници. Ова е бројка која за мене лично претставува голема чест , бидејќи имаме маски, односно луѓе од Струмица кои за прв пат се маскираат. Биле карневалисти, но не се маскирале за да бидат дел од поворката. И има луѓе кои по пауза од неколку години повторно се враќаат во карневаската поворка. Духот на Струмичкиот карневал годинава е многу позитивен, бидејќи од сите страни има само позитивни коментари , луѓето ни се враќаат, а тоа ми е многу мило, објасни Танкица и додаде:

-Оваа година доцна почнавме со подготовките, имаше проблем со документација, но за догодина се најавени карневалски групи од други европски држави, како Франција на пример. Но, и се поклопуваме со карневалот во Херцег Нови и затоа имаме намален број на странски маски. Поделени се, некои идат таму, некои кај нас. Минатата имавме девет странски карневалски маски, годинава имаме 11. За догодина веќе имаме воспоставено контакти и со други држави, не се само од Балкан, а се надевам дека ќе имаме гости и од Бразил, рече таа.

За да изгледа карневалот како што треба, секако дека се потребни многу средства. Годинава Струмичкиот карневал финансиски го поткрепија Министерство за култура и Општина Струмица. Но, дали е тоа доволно?
-Од Општина Струмица добивме 3,7 милиони денари, а од Министерство за култура добивме милион и пет илјади денари. Искрено карневалот за да изгледа така како што изгледа не се доволни овие финансии, бидејќи знаеме дека стандардните се качени и цените се пораснати. Но, имаме спонзори без кои немаше шанси ова да се напрви. Благодарни сме на сите опшествено одговорни компании кои без збор го поддржаа карневалот. Од соработката со општината сме задоволни бидејќи, како нов карневалски одбор имаме прекрасна комуникација и соработка. Карневалот сите години бил поддржан од општината. Имаме нов градоначалник со кој имаме соработка и мислам дека догодина ќе имаме повеќе средства. И на градоначалникот и на нас ни е прва година со карневалот. Исто така и од Министерство за култура, бидејќи е манифестација која трае со години, рече новата претседателка.
Танкица Стојанова е нов претседател, но не е нова на Струмичкиот карневал. Напритив и таа како многу струмичани се дел од ова случување уште од училиште.

-Се маскирам уште од 2007 година. Тогаш прв пат учествував од музичкото училиште, потоа од основното и потоа и со средното медицинско. Само последната година, пред да заминам на студии бев дел од волонтерскиот тим на Црвен Крст. И годинава ќе се маскирам, маската веќе е подготвена. Не ја откривам маската. Но, тоа е и правило. Маската се прави, може да се кажат делови, но до самиот крај не се открива. Ќе биде изненадување, ќе биде журка за која вреди да се дојде, вели Стојанова.
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски/Фејсбук




