Европскиот парламент денеска ќе гласа за извештајот за напредокот на Македонија на патот кон Европската Унија откако го разгледа и усвои вчера на пленарната седница во Стразбур.
Извештајот го презентира известувачот за Македонија, Томас Вајц, кој рече од Западен Балкан, вклучително и нашата, имаат волја да ги спроведат потребните реформи и дека ова треба да се награди, на пример преку делумна интеграција на пазарот, делумна интеграција во однос на роамингот, преку Единствената европска платежна зона, со цел да се одржи мотивацијата.
Тој рече дека по Црна Гора и Албанија, Македонија би можела да биде следната земја што ќе се приклучи на ЕУ и потсети дека регионот на Западен Балкан бил и продолжува да биде „поле за играње на странски сили“ и потсети на разорните етнички војни што го зафатија регионот во 1990-тите. Вајц нагласи дека постојат две земји кои избегнале масовно насилство, имено водечкиот кандидат за пристапување, Црна Гора, и другата, Северна Македонија, која исто така би можела да биде меѓу водечките земји во процесот на пристапување.
– Да, можеме да кажеме дека земјата не ги спроведе реформите што е можно побрзо, но исто така мора да признаеме дека ние во ЕУ дадовме ветувања што не ги исполнивме , кажа Вајц.
Противење на бугарските европратеници
Извештајот беше усвоен од Комитетот за надворешни работи (AFET) на Европскиот парламент на 3 јуни со 43 гласа „за“ и 17 „против“.
Бугарските европратеници се спротивставија Вајц, откако тој предложи нов амандман, со кој се бара целосно бришење на ставот 73 од текстот на идната резолуција. Со бришењето ставот 73, текстот нема специфично да го спомене Вториот протокол кон Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија. Овој дел од документот инсистира Заедничката историска комисија да постигне јасни и опипливи резултати, потпирајќи се исклучиво на објективни, автентични и докажани историски извори и документи, „во согласност со одредбите од Вториот протокол“.
При дискусијата како аргументи зошто треба да се инсистира на исполнување на сите потпишани обврски бугарските европратеници го споменаа завчерашното палење на возилата на Бугарската амбасада во Скопје. Ивајло Валчев рече дека „таква Северна Македонија нема место во Европската Унија сè додека не ги спроведе потребните реформи“, додека Станислав Стојанов ги повтори зборовите на бугарскиот државен врв, „дека е очигледно оти Северна Македонија не може да ја гарантира безбедноста на земјите-членки на Унијата“.
Во усвоениот извештај, каде се забележува на недостаток на реформи, се повикува на одржување на нова средба на Заедничката меѓувладина комисија меѓу Македонија и Бугарија, која веќе четири години не се состанала. Се истакнува важноста на важноста на прекуграничните врски, вклучувајќи ги коридорите VIII и X, кои се идентификувани како витални за зајакнување на економската соработка со соседните земји и зголемување на контактите меѓу луѓето.
Спроведување на пресудите од Стразбур
Се бара и ефикасното спроведување на преземените обврски, а при тоа се поздравува договорот меѓу Македонија и Бугарија за изградба на прекуграничен железнички тунел. Тој е дефиниран како одлучувачки чекор кон завршување на железничката врска долж Коридорот VIIIкој е од важност за геостратешката автономија на ЕУ и НАТО, бидејќи служи како клучна логистичка рута на јужното крило на НАТО.
Вајц не заборавил да го спомене и делот со обврската на сите земји-членки на Советот на Европа вклучително и Бугарија, брзо да ги спроведат пресудите на Европскиот суд за човекови права. Се забележува дека сите законски измени мора да бидат во согласност со меѓународните стандарди и препораките на Венецијанската комисија, како и со препораката на Европската комисија против расизам и нетолеранција, вклучително и во однос на Законот за здруженија и фондации и спроведувањето на судските одлуки поврзани со регистрацијата на здруженија.





