Македонските граѓани можат да не контактираат за руската вакцина за рак доколку ги исполнуваат строгите критериуми, вели професор Јаковљевиќ

Фото: Принтскрин

Професорот на Медицинскиот факултет во Крагуевац, Србија, кој е соработник на рускиот тим што ја развива првата мНРА вакцина против рак, за МИА зборува за кои карциноми има надеж за нивно излекување, каква е всушност, оваа терапија, кој се ќе може да ја добие, што не чека во иднина на ова поле…

Еден од најистакнатите научници и академски лидери од Србија, проф. др Владимир Јаковљевиќ, редовен професор по физиологија и долгогодишен декан на Факултетот за медицински науки во Крагуевац, како истражувач со меѓународен углед е дел од тимот на руски медицински експерти, предводени од српскиот доктор Сергеј Бољевиќ на универзитетот „Сеченов“, кои работат на на развој на персонализирана вакцина против рак базирана на мРНА технологија.

Овој пристап не претставува класична превентивна вакцина, туку индивидуализиран третман насочен кон тешки форми на карцином. Проектот се смета за значајна можност за регионот, бидејќи отвора простор за нови медицински технологии, трансфер на знаење и потенцијален пристап до напредни терапии за пациенти кај кои традиционалните методи не се доволни.

Можете ли за почеток да ни објасните што точно значи „персонализирана mRNA вакцина против рак? Како функционира, за кого е наменета и по што се разликува од класичните терапии против рак?

– Персонализираната mRNA вакцина против рак е всушност, персонализирана терапија, која е направена за одделен пациент којшто има малигно заболување и тоа само за таа единствена малигна болест. Што значи дека доколку тој пациент развие друго малигно заболување, оваа терапија нема да делува, туку мора да се направи нова „вакцина“ за него. Намерно инсистирам на терминот персонализирана терапија, а не вакцина. Имено, принципот на дејство е ист како кај вакцинацијата, но оваа терапија не делува превентивно на појавата на карцином, туку терапевтски. Во моментов, се користи за третман на малигнен меланом во Русија, додека компанијата „Модерна“ од 2019 година спроведува клиничка студија, која моментно е во втората фаза на клиничкото испитување. Резултатите од двете страни се ветувачки.

Од пациентот се зема биопсија на туморот и примерок од неговото здраво компатибилно ткиво, се вкрстуваат и на овој начин имунолошкиот систем се стимулира да произведува специфични антитела против нео-онкогенот што се наоѓа на туморските клетки на тој специфичен тумор. Со помош на вештачката интелигенција, се забрзува создавањето на mRNA скелетот, којшто ќе ги детерминира овие специфични антитела.

Во овој момент, поради тоа што терапевтската постапка е на самиот почеток, наменета е за пациенти кои ги исцрпиле сите други форми на терапија, но кои имале барем минимален позитивен одговор на имунотерапијата, која во последно време даде исклучително добри резултати во лекувањето на оваа исклучително опасна болест.

Дали вакцината или „носачот“ е наменета за транспорт на лекот против малигни клетки или нејзината цел е будење на имунолошкиот систем?

Целта на оваа вакцина е точно како што го дефиниравте: будење на имунолошкиот систем.

Зошто вакцината се користи само кај терминално болни пациенти, а не на почетокот, пред хемотерапијата и радиотерапијата?

Сега сме на почетокот на нејзината примена, па од етички принципи е невозможно да се има широк спектар на пациенти. Вообичаено е овој вид иновативна терапија прво да се применува кај најтешките пациенти, односно оние кои ги исцрпиле сите други форми на лекување.

Колкав е капацитетот за масовна примена на оваа вакцина, ако некој мора да биде во Москва пет месеци за да ја користи?

Во овој момент, нема јасни ограничувања од руска страна, но секако, таа бројка не може да се мери во стотици или илјадници на самиот почеток. Исклучително тешкиот процес на производство одзема време, но, повторувам, засега нема ограничувања.

Како дојде до соработка меѓу вас и рускиот тим? Кој беше иницијатор и кога почна соработката меѓу вас?

Јас од 2017 година сум визитинг професор на Првиот московски медицински универзитет „И.М. Сеченов“ на Одделот за патофизиологија, на чело со проф. д-р Сергеј Бољевиќ, кој е по потекло од Балканот и со кого оттогаш имам многу плодна соработка, што се рефлектира во голем број заеднички научни трудови, докторски тези и проекти. Проф. Бољевиќ е вклучен во проектот за развој на оваа терапија уште од самиот почеток, тој ме предложи мене и во таа смисла сум дел од поширокиот тим што работи на ова. Во овој момент, може да се каже дека тоа е круната на оваа наша соработка, иако искрено се надевам дека ќе продолжиме да ги поместуваме границите во таа насока.

Првиот пациент од Србија замина за Москва. Дали тоа значи дека лекувањето во моментов не се нуди во Србија и дали постои план оваа терапија да се направи достапна и тука? 

Кон средината на октомври, висока руска делегација беше во посета на Србија и се сретна со наши претставници, вклучително и прием кај претседателот Вучиќ. Тогаш стана збор за можноста за трансфер на технологии и развој на оваа терапија во Србија, бидејќи Русите, колку што јас знам, се подготвени да ја „извезат“ оваа технологија само во Србија. Не бев вклучен во тие разговори, па затоа не ги знам директните детали, но она што го знам е дека постои добра волја тоа да се случи.

За кои специфични видови канцер би помогнало? Колку дози ќе бидат потребни?

Во овој момент оваа терапија во Русија е регистрирана исклучиво за третман на малигнен меланом. Првите следни малигнитети за кои треба да се регистрира се крупноклеточни карциноми на белите дробови. Сметам дека потоа тоа ќе се случи вистинска експанзија во оваа област, бидејќи ова откритие, очигледно, ги забрза истражувањата во оваа област во сите делови од развиениот свет во медицинската научна мисла.

Дали нам, на македонските граѓани ќе ни биде достапно ова и на кој начин?

Македонските граѓани можат да го контактираат проф. Бољевиќ преку мене сега, доколку страдаат од оваа ужасна болест и можеме да создадеме пат за дијагностика и за евентуален третман, доколку ги исполнуваат многу строгите критериуми. Верувам дека нивниот пат до терапија во Србија ќе им биде полесен, кога тоа ќе се спроведе во нашата земја, но ова засега е единствениот начин.

Како ја оценувате научната и етичката страна на брзото одобрување и примена на иновативната „вакцино-терапија“? Кои се можните ризици, а која е очекуваната корист?

Моето искуство со Русите е дека тие не објавуваат ништо, особено не во науката, во јавноста пред темелно да го проверат. Секогаш треба да се има предвид дека зад овој проект стои респектабилен научен институт (Институтот „Гамалеја“), и во крајна линија, руското Министерство за здравство. Тие не би го ризикувале својот углед и доверба туку-така, пред сè кон сопствените граѓани, а потоа и во светски рамки. Во научна смисла, сметам дека можностите за несакани ефекти се сведени на минимум, бидејќи практично станува збор за стимулирање на нашиот организам сам да се реши проблемот.

Целото интервју можете да го прочитате на линкот МИА

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ