Стефан Тасевски, познат и како DJ Cece, беше резидент ди-џеј во дискотеката Пулс.
И тој кобната вечер не ја преживеа, животот го загуби во најголемата несреќа во поновата македонска историја.
Неговата мајка Мита Тасева е меѓу најборбените мајки на Маршот за ангелите, која неуморно е присутна на секој протест во Кочани. На 23 август требаше да биде неговиот роденден, а Мита на социјалните мрежи го сподели своето писмо до Стефан за неговиот роденден, прв во кој повеќе не е меѓу нас:
„Сине мој, моја ѕвездо сјајна,
Те родив, ти се радував од првиот момент кога те фатив во моите раце. Те исчувавме, те школувавме, те израснавме, те воспитувавме да бидеш добар човек, да знаеш да чениш, да кажеш „благодарам“, да кажеш добар збор на секој.
Те израснавме во зрела личност, кој почна сам да си ги остварува своите планови, желбата за музиката ти беше во крвта, ти се оствари и тој сон, да бидеш диџеј, да купиш миксета, да купиш опрема, да ги забавуваш другарите, пријателите, сите што ја сакаа твојата музика.
Бевме среќно семејство, но среќата наша згасна на 16-ти март. Нашите планови ни ги згаснаа, ни го уништија сонот. Сега само во сон може мајка да те прегрне и гушне, ги немам веќе твоите гушки пред секое излегување, го немам твојот повик „Мамо, што правиш?“, го нема веќе војот мил поглед, твојата насмевка. Ја нема веќе твојата душа, душо мајкина незаборавна. Откако те нема, сине мој, го нема веќе ни Гари, твојот мачор кој секое утро те пречекуваше од забава.
Мама може уште многу да ти каже, но сето друго го оставам до нашето видување.
Почивај во мир ангелу мој, како што беше ангел на земјата.
Пуштај им музика горе на ангелите, бидејќи тие го заслужуваат тоа, мој единствен.
Доврши ја радоста што требаше уште многу часови да трае, но некој ви го скрати животот.“ – стои во писмото на Тасева до својот син.
Фото: Социјални мрежи и скриншот од видео на Скопје 1





