На 16ти март 2025 се случи најголемата трагедија во поновата македонска историја, а меѓу 63-те жртви беше и 21-годишната Ивона Антова, ќерка на единствената жена пожарникар во Кочани, Стојка Иванова Антова.
Утрото по кобната вечер родителите ја нашле Ивона почината на болнички кревет во кочанската Општа болница, после часови потрага по болниците и клиниките во Штип и Скопје.
Покрај траорната вест дека нивната Ивона повеќе не е меѓу живите, родителите се соочиле со уште еден шок. При увидот на личните предмети на Ивона во полициската станица, недостигал накитот и лични предмети со кои Ивона таа вечер го напуштила својот дом и се упатила кон дискотеката Пулс.
Родителите не знаат каде исчезнале личните предмети на Ивона, но претпоставуваат дека некој ги има одземено за време на препознавањето на предметите во полициската станица, поради препознавање или едноставно свесно, знаејќи дека брендираните предмети вредат многу.
Сега, нејзината мајка јавно моли оној или оние кои го поседуваат накитот и личните предмети на Ивона, да ги врати на семејството:
„Апел до сите што биле во полицијата после трагедијата. Ве молам, ако некој не сакајќи или по грешка земал работи што не му припаѓаат, да ги врати кај вистинскиот сопственик – кај мојата убиена ќерка. Како можете да носите нешто кога знаете дека е од невино убиено дете? Се бара да се вратат: Кожено долго палто – мантил, нараквица од Tiffany & Co., сребрена нараквица дебела исти како на сликите, обетки од Swarovski, прстени, очила од Emporio Armani и зелен IQOS. Шминките не се важни. Но, ова се нејзини лични работи и треба да се вратат таму каде што припаѓаат. Знаете каде треба да ги вратите. Не барам ништо туѓо. Барам само она што беше на моето дете. Вратете ги со мирна совест, зашто тоа се спомени од еден млад живот што згасна прерано. Една мајка ве моли.“ – вели Стојка, мајка на Ивона.
Канал 77 се обрати до МВР, но од таму не дадоа коментар за настанатата ситуација.
Неидентификуваните лични предмети се предаваат со препознавање од повредените и блиски на загинатите, па не е исклучена можноста некој погрешно да ги препознал или едноставно да тврдел дека му припаѓаат нему при препознавањето.
Останува отворено прашањето зошто не се направени записници во кои ќе може јасно да се види каде завршиле личните предмети на девојчето.
Сега, мајката на Ивона, се надева дека совеста на оној кој ги одзел предметите ќе проработи и ќе ги врати онаму каде што припаѓаат – кај родителите кои го загубија своето единствено дете и сѐ што им преостанува се спомените кои се последната трага дека живеела нивната Ивона.
(К.М.)




