Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата е многу блиску до одлука самостојно да го реализира проектот за хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“, без вклучување на приватен партнер. Според него, конечната одлука ќе биде донесена по дополнителни разговори со раководството на ЕСМ.
Мицкоски нагласи дека станува збор за еден од најзначајните енергетски проекти во државата, кој покрај производство на електрична енергија би имал и пошироко значење за управувањето со водните ресурси. Тој посочи дека регионот има потреба од дополнителни акумулации на вода, а проектот би можел да придонесе и за подобрување на условите за наводнување во Тиквешкиот регион.
Според првичните проценки што ги изнесе премиерот, реализацијата на проектот би чинела околу 1,5 милијарди евра, вклучувајќи ги и трошоците за финансирање. Тој оцени дека вложувањето е стратешки важно за долгорочната енергетска стабилност на државата.
Проектот „Чебрен“ и „Галиште“ е меѓу најстарите и најавувани енергетски проекти во земјава. Во изминатите децении беа распишани повеќе тендери и беа водени разговори со потенцијални инвеститори, но досега ниту една влада не успеа да ја започне неговата реализација.
Доколку биде донесена конечна одлука за самостојна изградба, тоа би претставувало нов пристап во обидите за реализација на овој капитален енергетски зафат, кој се смета за еден од клучните проекти за зголемување на домашното производство на електрична енергија.





