Мицкоски: Добрососедството е важно, но македонскиот идентитет нема цена

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата останува посветена на евроинтеграцискиот процес и развојот на државата, но нагласи дека заштитата на македонскиот идентитет и државните интереси остануваат врвен приоритет.

Одговарајќи на новинарско прашање во пресрет на најавените средби на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски со бугарската потпретседателка Илијана Јотова, Мицкоски истакна дека добрососедските односи се важни, но тие треба да се градат врз принципот на меѓусебно почитување.

„Како претседател на Владата ќе сторам сè што е во наша моќ да ги заштитиме интересите на граѓаните, идентитетот и интересите на државата, а истовремено да градиме добрососедски односи со сите соседи“, рече премиерот.

Тој додаде дека Владата има јасен план и стратегија за остварување на поставените цели и дека работи посветено на нивна реализација, без да дава нереални ветувања. Според него, резултатите од таквиот пристап постепено стануваат видливи, но потребно е време за работите да се постават на здрави основи.

Мицкоски потенцираше дека не очекува брзи решенија, но смета дека одговорната политика денес е гаранција идните генерации да не се соочуваат со истите предизвици со кои се соочува државата во моментов. Изјавата ја даде при поставување камен-темелник на ново училиште во општина Ѓорче Петров.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ