Мицкоски: Местото на Македонија е во ЕУ, но без отстапки за идентитетот, ова е нашата црвена линија

Местото на овој народ, на граѓаните на нашата Македонија, е таму, на масата во Брисел со нив, како полноправна членка на Европската Унија – порача вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на одбележувањето на 36. роденден на партијата во Струмица, но нагласи дека нема да се прифатат отстапки поврзани со националниот идентитет.

– Местото на овој народ, на граѓаните на нашата Македонија, е таму, на масата во Брисел како полноправна членка на Европската Унија, но тоа нема да биде спринт, туку маратон – порача Мицкоски повикувајќи на издржливост и борба во процесот на евроинтеграциите.

Тој испрати порака до европските институции дека очекува јасни гаранции оти нема да има нови билатерални условувања и дека македонскиот идентитет, јазик и култура се константа и неоспорен факт.

– Донесете заклучок дека нема повеќе билатерални прашања, дека се константа и факт македонскиот многувековен идентитет, култура, традиција, обичаи, јазик. И дека нема повеќе никој да ја отвора таа тема. Нема цена. Нема слава, нема моќ што може да ме убеди дека без овие работи, ќе прифатиме што било. Ова е нашата црвена линија. Сите треба да не слушнат гласно и јасно. Нема пазарење со идентитетот наш македонски – истакна Мицкоски.

Во обраќањето тој ја обвини поранешната власт, сега опозиција, дека со своите политики ѝ нанела сериозна штета на државата и на нејзиниот пат кон Европската Унија.

– Создадоа голем проблем на нашиот пат кон Европа потпишувајќи договори што ја обврзуваат државата на нешто што никој од граѓаните не би го прифатил – рече Мицкоски додавајќи дека, според него, тие чекори биле резултат на желба за власт и опстанок на власт.

Во контекст на спорот со источниот сосед, Мицкоски посочи и на пресудите на Европскиот суд за човекови права нагласувајќи дека правилата треба да важат еднакво за сите.

– Не може само за нас да важат договори и обврски. Или за сите или за никој – истакна тој.

Мицкоски ги повика членството и граѓаните да се подготват за, како што рече, долга и тешка борба за зачувување на националните интереси и напредок кон европската иднина. МИА

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ