По вонреден инспекциски надзор на барање на Министерството за образование и наука извршен од Државниот просветен инспекторат било утврдено дека на Филозофскиот факултет при УКИМ, уште од 2019 година, противзаконски биле запишувани студенти на магистерски и докторски студии.
Проблемот бил во тоа што студенти кои завршиле тригодишни стручни студии, па специјалистички студии, со што се стекнале со 240 кредити, според Законот за високо образование од 2018 година немале право да го продолжат своето образование на втор и трет циклус академски студии.
Но, случајот така се проби во јавноста, како студентите сами, намерно и со умисла да решиле да го кршат законот, па сега тие ги носат најголемите последици – поништени години на труд и пари инвестирани во сопственото дообразување.
Токму таков е случајот на 31-годишниот Денис Арсовски, млад и амбициозен човек, кој досега објавил 46 научни трудови во меѓународни научни списанија.
На Денис Арсовски министерството му ги запре докторските студии по 3 комплетирани семестри и му ја поништи магистратурата, со што го врати години назад во образовниот процес.
Младиот научник е вработен на битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“, па ваквата постапка сега се заканува да му го одземе и работното место на универзитетот.
Но, пред воопшто да ги започне академските студии пред години, Арсовски тогаш решил да се обрати до Филозофскиот факултет при УКИМ и да провери дали има право на академски студии.
Доставил писмено прашање – дали тој, со својот образовен профил, тригодишно стручно образование и една година специјализација, има право да се запише, на што добил позитивен одговор:
„Во Правилникот на УКИМ, член 5., став 2 или 3, си пишува дека студентите со стручни студии можат да се запишат на академски студии. Законот вели дека универзитетите имаат автономија при запишување на кандидатите, услови, си предвидува тоа се. Јас пред да се запишам на академските студии, втор циклус, прашав писмено по меил. Го имам тој доказ. Јасно прашав „Дали ваков профил на образование може да се запише кај вас на академски студии втор цкилус?“. Мене ми враќаат следниот ден – „Да, може.“ со дополнителни појаснувања како да го направам уписот. Јас сум аплицирал и сум се запишал, тоа поминало низ многу комисии. Министерката вели дека треба студентите да гледаат каде се запишуваат. Дали тоа значи дека треба ние студентите со адвокати да појдеме во институциите или прво да пратиме инспекција за да знаеме како и што?“ – вели Арсовски за Канал 77.

Сега, откако започнале проблемите околу ова прашање, Арсовски решил во јануари да се обрати до претседателката Гордана Силјановска – Давкова, за помош при надминувањето на оваа ситуација, поаѓајќи од тоа дека и самата претседателка е универзитетски професор и дел од научната фела.

Од Кабинетот на претседателката се обратиле до Државниот просветен инспекторат и до Министерството за образование и наука, кои доставиле одговори.
Државниот просветен инспекторат на 10 февруари годинава одговорил дека истиот постапува по пријави за кршење на Законот за високо образование, но бидејќи никој не посочил на неправилности, за инспекторатот во спорната ситуација нема ништо проблематично и истиот упатува студентот да го решава проблемот во рамките на универзитетот:
„По извршена анализа на наводите изнесени во Барањето и приложената документација, утврдено е дека истото по својата содржина се однесува на прашања поврзани со академскиот статус, тек и континуитет на вашето образование, како и на толкување на одредби од Законот за високо образование во однос на видот на студиите и можноста за нивно продолжување.
Согласно Законот за просветна инспекција, Државниот просветен инспекторат врши инспекциски надзор во случај на конкретно наведено незаконито постапување на образовна установа, по донесен акт или преземено дејствие спротивно на законот.
Во доставеното Барање не се наведува конкретен поединечен акт, решение или постапка на високообразовната установа со кое би била сторена повреда на закон, ниту се бара вршење на инспекциски надзор кај конкретен субјект.
Имајќи го предвид наведеното, ДПИ утврди дека во конкретниот случај не постојат законски основи за отварање инспекциски предмет, бидејќи не е утврдено конкретно незаконито постапување што би било предмет на инспекциски надзор во смисла на Закон за просветна инспекција.
Ве информираме дека прашањата кои се однесуваат на утврдување и признавање на академскиот статус, услови за запишување и продолжување на студии, како и примена на студиски програми, се во надлежност на високо образовните установи.“ – стои во одговорот од Државниот просветен инспекторат.
Министерството за образование и наука на 6 февруари 2026 во Мислење број 14-1764/2 потпишано од министерката Весна Јаневска вели:
„Имајќи ги предвид наводите во претставката, како и доставените документи за завршени студии и додаток на диплома од втор циклус едногодишни специјалистички стручни студии издадени од страна на Високата медицинска школа во Битола и втор циклус академски студии издадена од Филозофскиот факултет во Скопје, МОН цени дека доколку високообразовната установа смета дека сте ги исполнувале условите од член 7. од Закон за национална рамка за квалификации, каде се наведени описите, нивоата и резултатите од учењето на секое ниво на квалификација и притоа го имате исполнето нивото 7 од европската рамка за квалификации утврдено со член 10 од Закон за национална рамка за квалификации, не постои пречка за запишување на трет циклус студии, односно премин кон осмо ниво од европската рамка за квалификации.“ – стои во одговорот од МОН.

Сепак, сега министерството по побараниот вонреден надзор од просветниот инспекторат доаѓа до заклучок дека не се исполнети законските обврски, па на 4 мај, министерката Весна Јаневска обзнани дека се започнати постапки за поништување:
„МОН постапува строго согласно законските одредби и дека не се прави разлика меѓу државните и приватните високообразовни установи. Секаде каде што ќе утврдиме неправилности, ќе постапуваме. Јавното обвинителство е институцијата што понатаму ќе одлучи како ќе се води постапката“ – рече Јаневска.
Случајот сега заврши во Јавното обвинителство, кое по пријава од министерството ќе треба да оформи предмет.
На Филозофскиот факултет при УКИМ, МОН поништува вкупно осум дипломи, поврзани со претходно поништени осум уписи, а предмет на постапката се вкупно 17 студенти.
Дел од овие студенти биле запишани на втор циклус студии и веќе стекнале магистерски дипломи, додека други го продолжиле образованието на трет циклус, односно докторски студии.
Факултетот има обврска да поништи уште едно преостанато уверение, по што МОН ќе ги поништи документите за сите осум засегнати студенти.
Филозофскиот факултет кој му одговорил потврдно на Денис Арсовски, дека може да се запише на академски студии, сега му ги поништува и запонатите докторски и завршените магистерски студии.
На средина од спорот најоштетени остануваат студентите, кои долги години труд и вложени пари сега ќе ги загубат одеднаш, додека Обвинителството да расчисти кај кого е вината.
Но, и утврдената вина нема да ја надомести настанатата штета врз животите на овие млади и амбициозни луѓе, чија единствена цел била академско надоградување.
(К.М.)







