Најсреќен во животот беше кога стана татко – сеќавање на Ѓорѓи Величков

„Бескрајно сме благодарни Господи за овој прекрасен дар, добредојде сине!“ – беше статусот со кој Ѓорѓи го објави раѓањето на својот син на 3-ти ноември 2024.

На 16-ти март трагично го загуби животот во најголемата трагедија во македонската историја.

Ѓорѓи е роден 1994 година, а поголемиот дел од животот го помина во своето Облешево и во Кочани, кое е на само 8 километри растојание.

Беше голем љубител на планините и велосипедизмот, а беше и планинар, официјален член на Федерацијата на планинарски спортови, која во Пулс загуби двајца планинари – Ѓорѓи и Ивона Антова. Кратко по трагедијата за смртта на Ѓорѓи се огласи и ФПСМ:

„Најдлабоко сочувство и утеха до семејствата на нашите прерано заминати планинари од Кочани, Ивона Антова и Ѓорѓи Величков. Сочувство до семејствата и на останатите жртви. Федерацијата на планински спортови на Македонија изразува желби и надеж за побрзо опоравување на повредените“ – напишаа тогаш во соопштението од ФПСМ.

Неговиот другар Александар Бојчевски се сеќава на тоа каков човек беше Ѓорѓи:

„Цел ден го чекав да врати на пораката, цел ден. Прекрасен дечко, заљубен во нашите планини, во велосипедизмот. Кои дружби беа на „Пехчево на точак“. Ах бе Ѓорѓи, за така ли бевме. На ланските пожари во Пехчево без некој да му рече ја наполни колата со вода и однесе помош. Следната тура „Пехчево на точак“ ја возам во твоја чест другарче.“

Ѓорѓи кобната вечер бил заедно со Тоше Богданов (1994), кој го славеше раѓањето на детето и Александар Ѓорѓиев (1991), а од ресторанот каде што биле заминале во дискотеката Пулс. Неофицијално Ѓорѓи животот го загубил кога дел од плафонот се срушил врз него и пејачот Андреј Ѓорѓиески од ДНК, додека се обидувале да им помогнат на група млади во опожарениот објект.

Неговото семејство, Облешево и Кочани се горди на големината на овој млад човек, син, сопруг и татко, голем ентузијаст, спортист, но и хуманист, кој секогаш беше спремен да се стави во прв ред да помогне на други луѓе кога тоа е најпотребно, дури по цена и на сопствениот живот.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ