Основниот суд во Куманово му изрече доживотна казна затвор на 25-годишниот Трајче Бојковски од Старо Нагоричане, прогласен за виновен за четири убиства и два обида за убиство на жени во периодот од јануари 2025 до февруари 2026 година.
Жртвите биле претежно повозрасни и немоќни жени кои живееле сами, а кривичните дела биле извршени во неколку села во кумановскиот регион.
„За ваков профил на сторител, кој претставува трајна, тешка и непредвидлива опасност за секој поединец, казната доживотен затвор е единствениот можен одговор“, беше наведено во образложението од судијата Мирсад Суроји.
Судот нагласи дека целта на изречената казна е трајна изолација на осудениот од општеството и заштита на граѓаните.

Во обраќањето беше истакнато дека злосторствата предизвикале страв, несигурност и длабока вознемиреност кај граѓаните, но дека со денешната пресуда се испраќа јасна порака оти институциите имаат капацитет да ги откријат, докажат и најстрого да ги санкционираат и најтешките форми на криминал.
„Човечкиот живот е неприкосновен и свет. Секој оној кој ќе се осмели да одземе човечки живот, особено од вакви патолошки и ниски побуди, ќе се соочи со најригорозната санкција што ја познава нашиот правен систем“, порача судот.
Четири убиства во кумановскиот регион
Бојковски е осуден за убиствата на Станче Каровска, Јанка Антевска, Марија Маринковска и Мира Станковска.
Според утврденото во постапката, првото убиство се случило ноќта меѓу 5 и 6 јануари 2025 година во селото Клечовце, а второто во периодот од 5 до 7 јуни истата година во Драгоманце.
Другите две убиства биле извршени во Старо Нагоричане во јануари 2026 година и во Челопек во февруари истата година.
Два обида за убиство во Челопек
Случајот опфаќа и два обида за убиство во селото Челопек.
Првиот се случил на 22 јули 2025 година, кога жената успеала да повика помош и да го спречи напаѓачот, по што тој побегнал.
Вториот обид, според обвинителството, бил на 9 февруари 2026 година. Во овој случај, Бојковски се откажал од намерата и го напуштил местото.
Со изрекувањето на доживотната казна затвор, Основниот суд во Куманово ја заврши првостепената постапка за случајот што опфаќа четири убиства и два обида за убиство.
(Каровски М.)







