Не само Бугарите во Уставот, туку и барањата од историската комисија вели Сиљановска, а Јотова додава и говорот на омраза

По средбата во Софија меѓу претседателките на Македонија и Бугарија станува јасно дека внесувањето на Бугарите во Уставот не е единственото барање на бугарските власти. Бугарите имаат и услови поврзани со протоколите за историската комисија – изјави денеска во Софија претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по билатералната средба со шефицата на бугарската држава Илијана Јотова на маргините на самитот на шефови на држави и влади на ПСЈИЕ. Нејзината колешка пак, во изјавите за бугарските медиуми, додава дека сите услови се зацртани во прифатените критериуми од македонска страна и освен Бугарите во Уставот, Македонија треба да покаже и напредок во борбата против говорот на омраза.

 – Јас и мојот колега Муцунски сакавме да ги слушнеме нивните позиции. За да им дадам шанса на преговорите, на разговорите и на дијалогот, само ќе кажам дека едно – на обајцата ни стана јасно: не се во прашање само уставните измени, туку се во прашање и други барања поврзани со протоколите што произлегуваат од работата на исторската комисија. Толку можам засега да кажам – изјави претседателката Сиљановска-Давкова. 

Јотова од друга страна, изјавила дека Македонија мора да го спроведе потпишаниот и прифатен француски предлог од 2022 година, кој, како што вели бугарската претседатлека, „стана паневропски став за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ“.

„Илијана Јотова нагласи дека ова се европски критериуми за членство, а не бугарски барања. За да започне преговори, Македонија мора да ги исполни своите обврски со вклучување на Бугарите во својот Устав. Претседателката Јотова инсистираше на почитување на правата на македонските Бугари и ставање крај на говорот на омраза во Северна Македонија“, пишува во соопштението по средбата Прес службата на бугарската претседателка.

На средбата со бугарската претседателка, иако таа го споменала нон пејперот на францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фриндрих Мерц, за тоа немало интерес и главно разговорот, како што рече, се фокусирал на прашањата со кои се соочуваме ние како соседи, за одржувањето на втората невладина конференција, односно почетокот на преговорите и отворањето на кластерот Фундаменти, со кои почнуваат и завршуваат преговорите. 

Конкретна следна средба меѓу двете претседателки не е договорена, но изразиле подготвеност за разговори, за дебата, за меѓусебно почитување, како што рече, „и кога не се согласуваме“. – Мислам дека првиот тест го поминавме – рече претседателката. 

По завршувањето на официјалната прес-конференција и предавањето на претседавањето од Бугарија на Романија, бугарските медиуми побараа изјава од македонската претседателка. Сиљановска-Давкова на нивните многубројни прашања поврзани со уставните измени одговараше на англиски јазик објаснувајќи дека таа не е монарх да одлучува за тоа, но исто така укажа на уставните заложби за почитување на човековите права, што не е случај во Бугарија. 

Бугарските медиуми пренесуваат делови од изјавата, за кои пишуваат дека била дадена на англиски јазик.

„Јас не сум монарх за да го менувам уставот, само пратениците можат да го пра ват тоа“, изјави претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, пред новинарите како одговор на прашањето кога Македонија ќе го промени својот основен закон и ќе ги вклучи Бугарите во него. Уставот можат да го менуваат само пратениците. Пратениците ги претставуваат граѓаните и гласаат според сопствената волја. Тие не ме претставуваат мене, па затоа не би можела да одговорам во нивно име, истакна и Силјановска. На прашањето дали би ги охрабрила пратениците да ги прифатат уставните измени, таа одговори дека е професор по уставно право и длабоко го почитува принципот на поделба на власта, јави БТА.

МИА/БТА

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ