Кавги и критики на социјалните мрежи предизвика пренесена вест од српските медиуми, кои пак цитираа изјава на српската конзулка од Солун, велејќи дека има потврда оти сигурно ќе биде суспендиран новиот систем на собирање на биометриски податоци (ЕЕС) на границите за српските граѓани. Српските медиуми пренесоа дека е тоа завршена работа, меѓутоа, вчерашниот ден покажа дека како и сите и српските туристи чекаа со гасови на Евзони. Суспензија на ЕЕС системот побараа и македонските туроператори, па по изјавата на српската конзулка некои од македонските граѓани побрзаа да кажат дека за разлика од Србите, нашите не успеваат да излобираат кај Грците.
Меѓутоа, како што веќе објавивме, владата на Грција се’ уште нема одлучено за времена суспенција на ЕЕС системот за време на туристичката сезона. Туризмот е движечката сила на грчката економија, поради што очекувањата се дека Грција ќе го искористи даденото право во новиот систем или како што ЕУ ја нарекува „флексибилноста“ и привмрено поради наплив на границите, да се врати на стариот систем на преминување.
На последниот брифинг на портпарол на грчката влада Павлос Маринакис на прашањето за временото враќање на стариот систем на премин на границите рече дека Грција се’ уште не одлучила по барањата на македонските и српските туроператори.
-Грција ќе ја процени ситуацијата на поединечните точки за влез-излез и ќе преземе соодветни мерки предвидени во европската Регулатива, со цел, од една страна, да се опслужи зголемениот број патници, а од друга страна, да се биде во согласност со одредбите и барањата на наведената Регулатива“, одговори Маринакис.
Грција ја укина мерката за Британците, а Португалија и Италија се очекува да бидат следните туристички дестинации што ќе ги укинат контроверзните гранични контроли на ЕУ, најавуваат туристичките експерти.
Властите на Португалија изразија незадолство од системот по сликите од долгите редици на аеродромите , заедно со Италија. Се очекува одлука кон средината на мај, дозволувајќи им на туристите да влезат со печат во пасошот.
Овој пример се очекува да го следат и Шпанија, Франција и Хрватска со што ЕЕС „се урива како кула од карти“. Дополнително системот е попречен од неисправна биометриска технологија и недостаток на персонал.
Шејмус Меколи, од туристичката компанија „Холидеј Екстрас“, за „Дејли меил“ изјави дека многу земји нема да имаат друг избор освен да ѝ се спротивстават на ЕУ за да ги заштитат средствата за живот на луѓето кои зависат од туризмот.
„Земјите нема да седат настрана и да дозволат Грција да им ја преземе трговијата, бидејќи нема да се соочат со доцнења на аеродромите. Во прашање се работните места. Сообраќајот беше апсолутно фијаско. Британските туристи годишно внесуваат 3,5 милијарди евра во грчката економија и со право одлучија да не го доведат тоа во опасност, бидејќи ЕЕС не функционира правилно. После ова, целиот систем би можел да се урне како кула од карти, при што Шпанија, Франција и Хрватска би можеле да го следат примерот, бидејќи никој не сака да ја види својот прилив од туризмот како оди во друга земја само за да се усогласи со ЕУ“, вели Меколи.
Експертите веруваат дека Брисел е во суштина немоќен да преземе мерки против Грција и земјите што би можеле да го следат неговиот пример. Секоја финансиска казна што може да ја наметне е минимална во споредба со дополнителните приходи од туризам што земјите ќе ги добијат со избегнување на хаосот на своите аеродроми. Дури и ако ЕУ ја однесе Грција пред Европскиот суд на правдата, тоа ќе биде долго откако ќе завршат летните одмори – до кога Грција ќе го има повторно воведено ЕЕС.






