Ниту една мерка не влијаеше, вклучително ни законските измени. Продолжи трендот на заобиколување на ООУ„Гоце Делчев“ во Штип, кое со пресуда на Судот за човекови права во Стразбур е определено како училиште со присутна сегрегација, каде работат чисти ромски паралелки, во општина со доминантно македонско население. Пресудата ѝ наложи на државата да ја отстрани утврдената сегрегација, за што беа донесени серија мерки.
Меѓутоа, овие мерки не дадоа резултат. Во претстојната учебна година, во прво одделение се запишани 54 ученици, од кои само 24 се од македонска националност, соопшти пред Советот на општината Штип, директорот Зоран Митев. Родителите Македонци, едноставно нашле „дупка“ во законот и успееја да ја избегнат донесената реонизација, со која запишувањето на учениците е утврдено според местото на живеење.
-Родителите најдоа нов модус – ги менуваат адресите на живеење и ги запишуваат децата во други училишта. Или носат нотарски договор за закуп на стан и така го изигруваат законот, рече Митев.
На советничко прашање дали некој ја проверува веродостојноста на нотарската изјава која се дава под кривична и морална одговорност, Митев рече дека училиштето нема таква надлежност, туку тоа е работа на други институции.
Со пресудата од Судот во Старзбур со која е констатирана сегрегација, државата плати обештетување на повеќе ромски семејства, чии деца се дел од паралелки каде учат исклучиво Роми. Таа пракса, да се формираат чисти етнички паралалеки во текот на годините е надмината, но од училиштето велат дека нема доволно македонски деца за да се измешаат паралелките. Оваа година македонските деца ќе бидат во помал број од ромските, но доволно за да се избегне сегрегацијата.
Освен Штип, со пресудата од Стразбур се констатира сегрегација и во училиште во Битола.
В.К.




