Утрово Независниот синдикат за образование и наука објави соопштение преку кое извести дека техничкиот персонал во образованието не го добил ветеното покачување на платите од 7,5%:
„Техничкиот персонал во образованието не доби зголемување на платите од 7,5%, како што беше најавено во голем број медиуми. Наместо тоа, растот на платите за оваа категорија работници изнесува само 6,8%.
Оправдан е револтот кај голем број хигиеничари и технички персонал вработени во секторот образование, кои добија помал раст на платите од оној што беше најавен.
НСОН цврсто стои на ставот дека единствено решение е целосно почитување на колективните договори во секторот образование, односно:
- Нивелирање на минималната плата
- Помножена со соодветен коефициент за сложеност на работното место
По тој повод, синдикатот ќе продолжи со синдикални активности, во кои е препорачливо сите работници да земат активно учество.“ – стои во соопштението на НСОН.
Канал 77 побара дополнително објаснување од синдикатот, во кое стои:
„Како резултат на спогодбата што ја потпишаа Министерството за образование и наука и најбројниот синдикат во секторот образование – СОНК, настана разлика во растот на почетната плата кај техничкиот персонал во секторот образование. Почетната плата за месец март за оваа категорија вработени има раст од само 6,8%.
Техничкиот персонал е вклучен во колективните договори, но истите се проектирани на начин што почетната плата на хигиеничарите во секторот образование е директно врзана со растот на минималната плата, која годинава порасна за 6,8%. Со тоа, почетната плата на хигиеничарите во секторот образование се зголеми за само 6,8%.
Платата за месец март, согласно колективните договори, треба да се исплати најдоцна до 10-ти во месецот. Пресметката на платите е веќе направена и доставена до ресорните министерствa, но истата, се уште не е исплатена.“ – велат од НСОН.
(К.М.)






