Синдикатот на култура на Македонија денес одржа масовен протест пред Министерство за култура, кој претставува револт поради постапката на Уставен суд за осенување на законитоста и уставноста на Колективниот договор.
-Ние не бараме ништо повеќе, бараме да ни се остави тоа што веќе сме го договориле, порача на денешниот протест Синдикатот пред министерството.
-Уставниот суд не смее да биде алатка за реваншизам, не смее да биде средство за казнување на оние кои се гласни, кои бараат што постојат. Но, ова не е прашање на милостина, ова е прашање на права. Поднесовме 800 тужби, затоа што ни беа затворени вратите за дијалог, затоа што министерот одлуките ги носеше сам, со негови експерти, а без синдикатите“, рече на протестот Атанасовска, претседателка на СКРМ.
Пред вработените во културата на протестот се обрати и Гоце Павловски од СКРМ.
-Нека се прашуваат зошто протестот е денеска тука, а не пред Уставниот суд, кога Уставниот суд ја донесе одлуката за почнување постапка за уставноста на колективниот договор. Одговорот е затоа што генезата на сите проблеми во културата почнува од оваа зграда, а тоа што донесе одлука Уставниот суд само ја прелеа чашата. Сите проблеми 30 години се од тука, без разлика кој е министер, рече Павловски.

Сања Арсовска од СКРМ на тие што зборуваат дека имаат високи плати, а протестираат им порача:
-Се наметна наратив дека ние во културата имаме огромни плати и при тоа тој наратив го наметнаа тие кои што земаат 10 пати поголеми плати од нас. Се наметна наратив дека ние земаме исклучително големи плати и тоа се наметна тој наратив од луѓе кои реално земаат помали плати од нас, но наместо да се борат и тие да го достигнат нашето ниво, тие се борат тоа што ние сме го постигнале да ни го одземат, рече Арсовска.
По протестот од Либерално-демократската партија (ЛДП) преку соопштение порачаа дека им даваат целосна поддршка на културните работници кои денеска излегоа на протест барајќи достоинствени услови за работа и соодветно вреднување на нивниот труд, се вели во соопштението од ЛДП што МИА го пренесува интегрално.
-Фактот што луѓето кои ја создаваат и чуваат културата се принудени да протестираат е јасен показател за негрижата и потценувањето што со години го трпат од институциите. Наместо системска поддршка, сведоци сме на импровизации, партизација и игнорирање на реалните проблеми. Културата не е трошок, туку темел на идентитетот и развојот на едно општество. Државата има обврска да обезбеди стабилно финансирање, транспарентност и фер третман за сите културни работници. Ги повикуваме надлежните институции итно да влезат во дијалог со засегнатите страни и наместо да го одложуваат проблемот, да понудат конкретни решенија, се вели во соопштението.







