Температурата на водата, производите што ги користите и малите пропусти можат да ги отстранат природните масла од кожата, оставајќи ја затегната, иритирана и без сјај.
Сува и лушпеста кожа по туширање може да биде непријатна, особено кога очекувате водата да ве освежи и хидрира. Но, проблемот често не е во кремата што ја користите, туку во самата рутина на туширање. Дерматолозите предупредуваат на седум најчести грешки и откриваат како да ги исправите.
Долго туширање со врела вода
Иако топлата вода е пријатна, кожата реагира поинаку. Врелата вода ги отстранува природните масла (себум) што ја штитат кожната бариера. Кога таа ќе ослаби, влагата побрзо испарува и доаѓа до сушење. Стручњаците советуваат туширање со млака вода, најмногу 8-10 минути.
Силни сапуни и гелови
Ако кожата по туширање „шкрипи“, тоа значи дека останала без заштитен слој. Сапуни со сулфати и алкохол ја нарушуваат pH-вредноста и ја разградуваат природната бариера. Подобра опција се благи гелови за туширање и pH-балансирани производи со глицерин, шеа путер или церамиди.
Прескокнување на хидратација
Подеднакво е важно што правите после туширање. Многумина предолго чекаат или воопшто не нанесуваат крема. Најдобро е да ставите лосион или млеко во рок од 2-3 минути додека кожата е сѐ уште влажна.
Претерано пилинг
Пилингот ги отстранува мртвите клетки, но ако тоа го правите премногу често или со груби сунѓери, може сериозно да ја оштетите кожата. Резултатот е сувост, црвенило и чувствителност. Препорака е благ пилинг, еднаш неделно.
Тврда вода
Вода богата со калциум и магнезиум остава траги на кожата и може да ги затвори порите, правејќи ја сува и затегната. Решение може да биде омекнувач на вода или благи масла за чистење кои го неутрализираат ефектот.
Долго останување во бањарка
Останувањето во влажен пешкир или облекување на влажна кожа дополнително ја иритира и суши. Најдобро е нежно да ја тапкате кожата со сув пешкир и веднаш да облечете чиста, сува облека.
Агресивни производи за коса
Шампоните и регенераторите можат да влијаат и на кожата. Агресивните состојки при испирање течат по телото и можат да предизвикаат иритација, особено кај чувствителна кожа. Затоа користете шампони без сулфати и секогаш добро исплакнувајте.
Кога да се консултирате со дерматолог?
Сувата кожа по туширање обично е резултат на навики, не на болест. Доволно е да смените неколку рутини: намалете ја температурата на водата, користете благи гелови, не заборавајте на хидратација и избегнувајте претеран пилинг. Ако проблемот остане, консултирајте се со дерматолог за да исклучите состојби како егзема или псоријаза.
Фото: Shutterstock







