Петок е денот Д за учениците, нивните родители и пред се’ вработените во ООУ „Гоце Делчев“ од Штип. На седница на Советот на општината е ставена точка од дневниот ред за измената на Основачкиот акт на училиштето. Што точно тоа подразбира, сега никој барем јавно не објасни, но јасно е дека од ова училиште почнува најавениот процес на оптимизација на училишната мрежа во Штип. Објаснување што точно се планира, на вработените им е најавено дека ќе даде градоначалникот Иван Јорданов, но кога, не е утврдено.
Според неофицијалните информации, во училиштето, за кое беше кажано дека ќе прерасне во студентски дом, оваа година нема да се формираат паралелки од прво и шесто одделение, па постепено за три години, учениците ќе завршат или ќе преминат во други училишта, додека наставниците да се прераспределат таму каде има потреба.
Градоначалникот Јорданов во краткиот телефонски разговор за Канал 77, рече дека не може ништо да прецизира, бидејќи се сумираат резултатите од уписите во прво одделение, по што ќе се знае како да се постапи.
-Во „Гоце Делчев“ има 20 првачиња, а четворица наставници. Законски е дозволено оформување на паралелка со најмалку 20 деца, што значи овде може да се формира само една паралелка. Така и ќе постапиме, според законот, изјави Јорданов.
Околу шпекулациите за статусот на наставниците, рече дека ќе се бараат решенија и за ова, преку распределба или технолошки вишок.
Министерството за образование и наука (МОН) заедно со УНИЦЕФ веќе некое време работи на оптимизација на училишната мрежа. Министерката Весна Јаневска повеќе пати изјавуваше дека со ова се прилагодуваат на намалениот број на ученици и паралелки. Веќе е почнат процесот на едносменско работење во некои училишта, каде ќе може учениците да престојуваат и по завршување на часовите со целодневна настава, а со нив ќе работат вишокот наставници.
Според Јаким Неделков, претседател на Синдикатот во образованието, науката и културата (СОНК) ова едно од решенијата за вишокот наставници. Во заедничките пресметки со УНИЦЕФ и МОН, има околу 1500 вишок наставници, од околу 26.000 колку што работат во основното и средното образование во Македонија.
-Со МОН и министерката Јаневска разговаравме ниту еден наставник да не остане без работа. Ќе се понудат неколку решенија преку едносменска и целодневна настава, а потоа и како образовни асистенти. На наставникот еднаш, два пати, ќе му се понуди друга работа, и ако ги одбие сите понуди, ќе биде прогласен за технолошки вишок. Факт е дека бројот на учениците постојано се намалува и станува наша реалност, изјави Неделков.
Во однос на најава со ООУ „Гоце Делчев“ од Штип, Неделков рече дека пред неколку месеци се одржале состаноци во Штип кога ставот на наставниците и родителите беше дека училиштето треба да продолжи да работи.
-Тогаш градоначалникот рече: „Во ред, ама не гарантираме дека ќе формирате паралелки“. Таму проблемот е покомплексен и се бараше соломонско решение, рече Неделков.
Притисокот на оптимизацијата го наметна МОН со законската измена, со која парите што ќе ги добиваат општините за образование преку блок дотации, ќе зависат од бројот на запишани ученици. Тоа значи дека следната учебна година, од септември, значајно ќе се намалат средствата за училиштата во Штип, што пак ја принудува општината да ги намали трошоците. Како, ќе се решава во наредниот период.
Неделков вели дека процесот не е од денеска за утре, туку ќе трае најмалку 5-6 години. Од УНИЦЕФ предложиле да се тргне во намалувањето со паралелките во прво и шесто одделение. СОНК го одбил предлогот за шесто одделение, бидејќи оценката е дека се работи за паралелки каде заедно учат децата од прво одделение.
В.К.





