Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ во соработка со Стопанската комора на Македонија и Општина Штип втора година по ред организираат Отворен и кариерен ден, со цел средношколците да се запознаат со студиските програми на факултетите и академии, а студентите да воспостават врска со компаниите. На отворениот и кариерен ден на УГД свои штандови со претставници имаат 50 компании од земјата, од сите сектори.
Ректорот на УГД, Дејан Мираковски, рече дека ваквата врска и соработка им овозможува на младите да се запознаат со можностите на штипскиот Универзитет, кој во изминатите години вложува во квалитетот на студирањето и интернационализацијата на факултетите и академии преку европската Асоцијација од девет универзитети, а во која членка е и УГД.

-Верувам дека само поврзувањето со реалниот сектор, институциите и компаниите е можност тоа што ќе го научат на Универзитетот да не остане на хартија туку да се реализира и тие навистина да бидат идни креатори на една успешна, здрава средина и да живеат во нашата држава- рече Мираковски.
Тој истакна дека УГД-Штип има договори со голем број на компании, кои ги имаат отворено вратите за практична работа на студентите од сите факултети.
-Секоја година имаме поголем интерес и имаме тренд компаниите да се поактивни. Тие нудат пракса, нудат дури и платени пракси, нудат програми, менторства за да ги привлечат младите луѓе и да соработуваат. Денес живееме во многу турболентно и глобално време, светот е отворен за сите. Така што компаниите верувам дека се борат за квалитетен кадар и тој процес се изострува и ќе биде поинтензивен- посочи Мираковски.
Прашан дали опаѓа бројот на запишани студентите на штипскиот Универзитет, Мираковски со одговор дека за среќа УГД има контстантен број, со благ пораст на новозапишани студенти, бидејќи нуди можност за мобилност и соработка со други европски универзитети, а студентите добиваат и европско образование во земјата.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, истакна дека развојот на градот е директно поврзан со развојот на универзитетот, при што локалната самоуправа активно работи на подобрување на условите за да го направи Штип попривлечен за студентите.

-Развојот на Штип е тесно зависен од комуникацијата и развојот на Унивезитетот. Ние, како локална самоуправа и како град согласно нашите надлежности соработуваме, логистички си помагаме, но инфраструктурно се трудиме да го подобриме нашиот град, за да биде нашиот град привлечен за студентите од страна- рече Јорданов.

Татјана Штерјова Душковска од Стопанска комора на Македонија нагласи дека компаниите треба да се гледаат како партнери во образованието, а не само како работодавачи. Таа потенцираше дека поврзувањето меѓу академијата и бизнис секторот е клучно за создавање на квалификуван кадар.
-Тргнуваме од пермисата дека компаниите не се обични работодавачи, туку се повеќе треба да евалуираат како партнери во образовниот процес. Затоа е многу важно да ги зајакнуваме линковите за обезбедување на практична работа на студентите, на кадарот кој што се креира во академската заедница, за тој да биде спремен да влезе директно, да се активира на пазарот на трудот. Заради тоа особено внимание посветуваме на поддржувањето, на линковите помеѓу академијата и бизнисот зашто тоа е клучниот параметар за да обезбедиме развој, иновации и дополнително додадена вредност во системот- рече Штерјова Душковска, оперативен директор за развој иновации и знаење во Стопанската комора на Македонија.

Студентите посочија дека УГД нуди современи услови за студирање и силна поддршка од професорите и асистентите. Тие нагласија дека ваквата посветеност им овозможува полесно да напредуваат и да се развиваат професионално. Според нив, можностите за квалитетно образование и личен развој се една од најголемите предности што ги нуди Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип.






