Бугарската претседателка Илијана Јотова вели дека палењето на двете возила на Амбасадата на Бугарија во Скопје „не е обично кривично дело, туку неприфатлив напад врз дипломатска мисија“.
Настанот, според Јотова, ја доведува во прашање способноста на македонските власти во да ја гарантираат безбедноста на странските дипломатски мисии во согласност со меѓународни обврски.
Загрижувачки е што овој инцидент се случува во услови на постојана антибугарска реторика и атмосфера на нетолеранција која со години трае без потребниот институционален отпор. Ваквите дејствија не се случуваат во вакуум – тие се директна последица на всадување омраза и неказнивост, стои во реакцијата на Јотова.
Земја која претендира на членство во Европската Унија, вели Јотова, мора безусловно да ја гарантира безбедноста на дипломатските мисии, да се спротивстави на говорот на омраза и да покаже почит кон своите соседи не само со зборови, туку и со дела.
Вчера пред седиштето на бугарската Амбасада во Скопје, маж со употреба на запалливо средство, запали две паркирани дипломатски возила. Полицијата го уапси, се работи за 44-годишен скопјанец И.Д., кој го признал делото.
Лицето го обезбедивме за помалку од три часа и уште еднаш покажавме дека институциите функционираат беспрекорно. Сега треба да ги утврдиме мотивите за овој кривично-правен настан“, изјави премиерот Христијан Мицкоски, кој го осуди палењето.





