Обвинителот Фатон Азизи од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, во декември 2025 година го повлекло обвинението против бизнисменот Цветан Панделески во предметот „Империја“. Ова го објави БИРН, по потврдата од Кривичниот суд во Скопје. Предметот „Империја“ го опфаќаше и пропаѓањето на еден од градежните гиганти – „Бетон Штип“, една од главните компании кои работеа на проектот „Скопје 2012“ и по пропаѓањето застана и градбата на зградите на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура.
Обвинети беа бизнисменот од Штип Зоранчо Митровски кој купи удели во „Бетон- Штип“, брокерот Јованче Тасковски и Цветан Панделески од „Пелистерка“. Обвинението е за делото „измама“. Конкретно Панделески, беше обвинет дека перел пари и измамил 150 акционери на „Бетон – Штип“. Средствата биле пренесени на три фирми, парите биле исплатени како дивиденда, а фирмата била префрлена на оф шор-компанија од Белизе, а потоа ликвидирана
Панделески денеска излезе со реакција дека повлекувањето на обвинението против него е доказ на тоа што со години го тврдел дека против него не постоеја релевантни докази за сторено кривично дело.
„Со повлекувањето на обвинението, обвинителството практично потврди дека:
1. Не постои доказ дека сум презел дејствија со намера за прибавување противправна имотна корист,
2. Не постои доказ дека сум довел кого било во заблуда,
3. Ниту пак дека сум имал влијание врз одлуките на акционерите или управувањето со нивниот имот“, забележува Панделески.
Бизнисменот вели дека оваа повеќегодишна постапка оставила сериозни последици врз неговиот личен и деловен интегритет, како и врз компаниите со е сум поврзан и тие функционирале, како што пишува, “под постојан притисок, правна неизвесност и нарушена деловна репутација, што неминовно влијаеше врз нивната работа и развој“.
„Во наредниот период ќе биде направена детална анализа на сите последици од оваа постапка – правни, економски и репутациски – по што ќе донесам одлука за понатамошните чекори, вклучително и за начинот на исправување на нанесената штета и мојот иден деловен ангажман“, реагира Панделески.
Предметот „Империја“ на СЈО беше еден од најголемите премети, кој делумно заврши со признание на вина и осуда на штипскиот бизнисмен Зоранчо Митревски, по што пресудата беше укината и доставена на повторно разгледување. Обвинителството потоа делумно го повлече обвинението.




