Пет кандидати за директор и заменик директор на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер

На попладневната седница на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата се кандидатурите на пет кандидати кои се пријавиле на конкурсот за директор и заменик директор на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

Станува збор за еден од најважните органи за транспарентноста на институциите и на демократијата. Оваа Агенција не работи три месеци, од 25 декември лани, кога заврши мандатот на претходната директорка Пламенка Бојчева, заменик-директорот Бљерим Исени беше избран за советник во Советот на Општина Куманово.

Неактивноста на Агенцијата им даде простор на институциите селективно да одговараат на барањата за слободен пристап до информации, особено важни за медиумите и граѓанските организации. Не работи ниту интернет страната на Агенцијата.

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата во јануари ги повика пратениците итно да именуваат директор и заменик-директор на Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

„Оваа Агенција, која е клучна за заштита на уставно загарантираното право на граѓаните до информациите кои ги поседуваат јавните институции, а со тоа и за транспарентноста на властите на сите нивоа, веќе еден месец е нефункционална поради истекот на мандатот на претходниот директор и неговиот заменик, и неименувањето на ново раководство од страна на Собранието. Правото на граѓаните до информациите од јавен карактер е едно од основните човекови права гарантирани со меѓународните и европските конвенции, како и со Уставот на Северна Македонија“, реагираа од Платформата.

На Комисија за прашања на изборите и именувањата ќе се разгледуваат пријавите на петмина правници, од кои тројца се вработени во Агенцијата. За директор се пријавени се: Петар Гајдов, дипломиран правник со положен правосуден испит од Скопје, додека Миле Стојановски, дипломиран правник, од општина Илинден и и досегашната директорка Пламенка Бојчева, дипломиран правник со положен правосуден испит, од Скопје, покрај за директорското место, конкурирале и за заменик директор. Само за заменик директор се пријавиле Фатмир Зимбери, дипломиран правник и магистер по граѓанско право од Куманово и Исмед Сељмани, дипломиран правник и магистер на правни науки, насока правосудство со положен правосуден испит од Скопје.

Сите се актуелни или поранешни вработени во органите на државната управа или во општините.  

Собраниската комисија за избори и именувања во јануари годинава поништи еден оглас за избор на директор и заменик-директор на Агенцијата за пристап до информации од јавен карактер бидејќи на огласот беа пријавени само двајца кандидати, кои не доставиле комплетна документација. 

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ