Унгарскиот премиер Виктор Орбан му честиташе на опозицискиот лидер Петар Маѓар на изборната победа. По пристигнувањето на првичните резултати, стана јасно дека опозициската партија Тиса има голема предност пред Фидес на Орбан.
– Резултатите од изборите се уште се нецелосни, но се јасни и болни за нас. Граѓаните не ни ја дадоа довербата и одговорноста да владееме и затоа и честитав на победничката партија, изјави Орбан на собирот на приврзаниците на Фидес во Будимпешта.
Истовремено Петар Маѓар, лидерот на партијата Тиса, потврди дека Орбан му честиташе на победата.
Илјадници поддржувачи на унгарската опозициска партија Тиса почнаа да се собираат на плоштадот Батањи во Будимпешта, каде го очекуваат објавувањето на резултатите од парламентарните избори. Собирот се одржува на брегот на Дунав, спроти зградата на парламентот.
Државната изборна комисија почна да ги објавува првичните резултати кои покажуваат предност на Тиса, особено на пропорционалната листа.
Поддржувачите на лидерот на Тиса Петар Маѓар се сконцентрирани главно во Будимпешта и во другите поголеми урбани центри и се очекува неговиот собир да го засени собирот на владејачката партија Фидес на Виктор Орбан.
Додека главниот собир на унгарската опозиција е во тек на плоштадот Батањи, од другата страна на Дубаи, на плоштадот Лајош Кошут пред унгарскиот парламент се собраа неколку илјади млади. Официјалната причина за собирот е техно концерт, но поради политичкиот момент, и овој собир се претвори во неформален митинг на опозициската партија Тиса.
Поддржувачите на опозицијата се движат меѓу двете локации, колку што тоа го дозволува преполната метро линија.
Поддржувачите на Орбан се собираат на другиот брег на Дунав, кај конференцискиот центар Бална. МИА







