Познати, јавни личности, граѓани и компании упатија повик за солидарност по големиот пожар што ги зафати погоните на виничката компанија Макпрогрес. Дел од маркетите, како што тоа го направи Стокомак, чие раководство повика: „Заедно може да помогнеме“.
„Со голема тага ја примивме веста за пожарот кој ја зафати фабриката Винчини. Нашата соработка трае многу години и опфаќа повеќе од 30 производи под брендот Вафлини, затоа Винчини за нас не се само партнер – тие се дел од нашата заедничка приказна за успех.
Во овие тешки моменти остануваме посветени да им бидеме поддршка и да чекориме заедно со нив низ процесот на обнова. Веруваме дека заедно ќе ги надминеме сите предизвици и ќе продолжиме напред – посилни и поуспешни“, напишаа од Стокомак.
Солидарност искажаа и помали маркети и маалски продавници. Дел од нив најавија дека производите на Макпрогрес ќе ги истакнат на видливо место.
Граѓани упатија апел до маркетите самоиницијативно да ги обележат производите Винчини на Макпрогрес и така да ја покажат својата солидарност. Други споделуваат повик со купување на производите, да му се помогне на еден од наголемите македонски брендови да застане на нозе.
„Тие секогаш биле солидарни, време е да им возвратиме. Купувајте Винчини – секое пакетче значи поддршка за фабриката и за стотиците семејства кои живеат од ова производство“, стои во еден од повиците.
По големиот пожар во саботата на 6 септември, јавен обвинител излезе на терен. Најавено е дека увидните дејствија ќе продолжат и следните денови, бидејќи во дел од магацините за суровини и готови производи се’ уште има жаришта кои тлеат.
„Поставени се противпожарни возила за заштита на плинската станица која не беше зафатена од огнот. На увид на лице место е повикано и вешто лице – електроинженер. Во меѓувреме, обезбедени се снимки од видео надзор и се преземаат други дејствија за испитување на настанот“, информираше Обвинителството.





