Полицајката од Кочани која грабна и истепа колешка и при тоа ја снимаше, заработи кривична пријава и предлог за суспензија

Фото: МВР

По пет месеци од настанот, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до Основното јавно обвинителство Штип поднесе кривична пријава против Ј.Н. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,противправно лишување од слобода”, предвидено и казниво по член 140 став 1 од Кривичниот законик.

Се работи за случајот познат на јавноста од 13 септември лани, кога 28-годишна полицајка од Полициското одделение од Кочани, насилно внела во возилото колешка, полициски приправник (21) од Штип, ја однела во месноста Суитлак, физички ја малтретирала и при тоа ја снимила. Во тоа помогнала уште една девојка, која го возела автомобилот.

„Пријавената Ј.Н., вработена во ПО за БПС Кочани при СВР Штип, на 13.09.2025 на место викано „Суитлак” во Штип, откако се сретнала со женско лице –  вработено во МВР со договор за вработување како полицаец – приправник во Одделение за полиција при СВР Штип, насилно ја внела во возило „бмв” со кое пријавената Ј.Н. дошла на наведената локација, по што почнала да ја удира по телото, притоа не дозволувајќи и да излезе од возилото и да си замине, со што и ја одзела и ограничила слободата на движење. Со сторување на наведените дејствија постои основано сомнение дека пријавената Ј.Н. сторила кривично дело ,,противправно лишување од слобода”, предвидено и казниво по член 140 став 1 од Кривичниот законик, соопшти МВР.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против Ј.Н. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и ќе изрече задолжителна мерка отстранување – суспензија од работното место до завршување на дисциплинската постапка.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ