Основниот суд од Штип го одложи судењето за случајот од 24 август, кога за време на натпревар на младите фудбалери на „Брегалница“ – Штип и „Шкупи“ – Скопје, родител на фудбалер од „Шкупи“ влезе на теренот и нападна двајца 15-годишни фудбалери на „Брегалница“. Причината за одлгањето е необезбеден превод на албански јазик од страна на судот. Новиот датум за судењето е 29 септември.
На обвинителна клупа требаше да седне А.А.(45) од Скопје за кривичното дело „Насилство“.
„На децата им нанел телесни повреди, а кај оштетените, останатата присутна публика и во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв. Настанот се случил во 89-тата минута од натпреварот, која судијата поради прекршок (фаул) доделил втор жолт картон со што го исклучил од игра синот на обвинетиот, кој играл за „Шкупи“. Незадоволен од одлуката, најпрво синот се однесувал неспортски и со тупаници и со удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на „Брегалница“. Тогаш на теренот влегол таткото и со тупаници и клоци започнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им телесни повреди. На игралиштето влегле и други лица од публиката, кои спречиле натамошна ескалација на настанот“, соопшти Обвинителството.А.А. помина и 8 дена во притвор.
За инцидентот ФФМ изрече остри казни. Синот на сега обвинетиот Леарт Абдуљи, кој физички нападна противнички фудбалер и му нанесе сериозни повреди е изречена најстрога санкција – исклучување од фудбалската организација. Додека за двајца играчи на ФК „Шкупи’, Рамадани Ибрахим и Новобрдалија Амар, кои исто така извршија физички напад добија забрана за настап во траење од три месеци.
Забрана за играње на четири натпревари доби играчот на ФК Брегалница 2008, Гоцев Симеон, кој реагирајќи на нападот се впуштил во груба игра и пречекорена самозаштита. Казнети се ид двата фудбалски клуба.





