Разговарањето на телефон и употребата на интернет без трошоци со земјите од ЕУ, односно укинувањето на роамингот за шесте земји од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, ќе биде предмет на преговори со Унијата.
Европската Комисија во соопштението за медиумите најави дека ќе побара одобрение од Советот за започнување преговори со шесте земји кои не се членки за бесплатна зона за интернет, повици и текстуални пораки за патниците. Покрај Македонија, во пакетот се Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија.
Како што пишува „Еуроактив“, роаминг зоната на ЕУ им овозможува на корисниците на ЕУ да пристапуваат до интернет, да остваруваат повици или да испраќаат текстуални пораки од своите мобилни телефони кога патуваат во рамките на ЕУ, без никакви трошоци. Украина и Молдавија веќе се приклучија на зоната на 1 јануари 2026 година.
Колку ќе трае прилагодувањето?
Според договорот, „лицата што патуваат меѓу ЕУ и Западен Балкан ќе можат да остваруваат повици, да испраќаат текстуални пораки и да користат мобилни податоци без дополнителни трошоци за роаминг“. Сепак, патот до приклучување кон областа може да биде долг. Секоја земја од Западен Балкан ќе мора „целосно да се усогласи“ со правилата за роаминг на ЕУ, се додава во соопштението од ЕК.
Македонија, преку Министерството за дигитална трансформација, согласно усвоениот акциски план на Владата воведе законски измени со кои треба да се прилагоди домашната легислатива кон европските директиви.
Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен лани во октомври изјави дека Црна Гора и Албанија ќе се приклучат на роаминг зоната на ЕУ во 2026 година. Меѓутоа, министрите одговорни за телекомуникации во Украина и Молдавија изјавија за „Еурактив“ дека процесите на интеграција не треба да се брзаат и треба да ја следат истата постапка што се применува за нив, која траеше околу три години.
Преговорите за приклучување кон роаминг зоната на ЕУ ќе се одвиваат преку „билатерални договори“ со секоја земја, напиша Комисијата, ставајќи крај на шпекулациите дека би можела да бара договор за намалување на тарифите помеѓу роаминг зоната на ЕУ и роаминг зоната на Западен Балкан.
Има и ограничувања
За разлика од роаминг зоната на ЕУ, каде што дополнителните трошоци за патниците се укинуваат, роаминг зоната на Западен Балкан поставува ограничување од 18 евра по гигабајт за користење на интернет.
Што значи ограничувањето: Во Европската Унија постои правило „роаминг како дома“. Патниците можат да користат мобилни услуги (повици, пораки, интернет) без дополнителни надоместоци. Сепак, оваа поволност важи ограничено – до четири месеци престој во странство. По тој период може да се воведат доплати за да се спречи злоупотреба. За земјите од Западен Балкан, каде спаѓа и Македонија е воспоставена посебна роаминг зона. Наместо целосно укинување на доплатите, се применува ценовен лимит. Конкретно, интернет користењето е ограничено на максимум 18 евра по гигабајт. Тоа значи дека операторите не смеат да наплаќаат повеќе од оваа сума, но може да наплаќаат помалку. Што значи, во ЕУ корисникот има четири месеци без дополнителни трошоци, потоа може да се воведат надоместоци. Во Западен Балкан нема целосно укинување, туку ценовен „плафон“ за интернет, што сепак е значително поевтино од старите роаминг тарифи.
Некои оператори во Европската Унија и Западен Балкан се согласија да ги намалат тарифите за патниците помеѓу двете области, но овие аранжмани остануваат доброволни, необврзувачки и ограничени на мал број оператори.
Советот сега треба да го одобри мандатот на Комисијата пред извршната власт на ЕУ да може да започне билатерални преговори.
Извор: ЕУ и Еуроактив





