Првиот Македонец во вселената – ама на театарската сцена

За идниот викенд (30 и 31 мај) е најавена премиерата на претставата „Првиот Македонец во вселената“, во режија на Борис Василески, кој е и автор на текстот. Актерска екипа ја сочинуваат Марјан Наумов, Томислав Давидовски, Ава Хусеини, Јанка Лефкова, Ана Грамосли/Вера Тошева.

Најавувајќи ја премиерата, режисерот и автор Василески вели дека оваа претстава почна од едно наивно, речиси детско прашање: што би се случило ако еден Македонец навистина поверува дека може да стигне до вселената? Не како шега. Не како метафора. Не како национална фантазија за големина. Туку како потреба човек да излезе од просторот во кој постојано му се кажува дека е мал, задоцнет и невозможен.

„Ме интересираше колку лесно како општество се навикнуваме на сопственото намалување. На идејата дека не треба да посакуваме премногу. Дека е опасно да се мисли големо. Дека секој поголем сон мора веднаш да биде исмеан, рационализиран или бирократизиран.
Првиот Македонец во вселената не е претстава за вселената. Таа е само најдалечната точка до која може да се однесе едно многу земно чувство — чувството дека човекот и земјата можат да исчезнат не затоа што се уништени, туку затоа што престанале да веруваат дека имаат право на иднина. Ме интересираше што се случува со човек кој има визија поголема од средината во која се наоѓа. Дали таквиот човек е херој, будала, жртва, егоист или последниот нормален меѓу останатите? Ова е претстава за амбицијата, невидливоста, осаменоста и потребата да се погледне нагоре — дури и тогаш кога сите околу нас нè убедуваат дека тоа е смешно, вели  Василески, автор и режисер.

Премиерата е во Јавна соба, 30 и 31 мај, во 20 часот.  

Актерска екипа: Марјан Наумов, Томислав Давидовски, Ава Хусеини, Јанка Лефкова, Ана Грамосли/Вера Тошева
Продуцент: Андреа Маркоска
Драматург: Марио Стојаноски
Костимографија: Марта Дојчиновска
Видеоанимација: Артериа Емил Петро
Инцидентна музика и дизајн на звук: Ади Имери
Сценографија: Ненад Тонкин
Избор на песни: Борис Василески
Маркетинг-стратегија и консултација за текст: Сандра Вујовиќ
Соработник за сценски движења: Анџелија Рондовиќ
Графички дизајн: Даница Јанковиќ.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ