Прв уписен рок на УГД – Новитет студиската програма за Фармација на англиски јазик

На вкупно 2920 слободни места на Универзитетот „Гоце Делчев“, од кои 2100 за редовни и 820 за вонредни студенти, на 80 студиски програми од 12 факултети и 3 академии, денеска, утре и задутре се реализираат уписите на идните студенти.

  • Денес Универзитетот „Гоце Делчев“ ги започнува своите уписи. Во наредните три дена – 20ти, 21ви и 22ри август, сите оние кандидати кои веќе влегле на нашиот сајт, направиле профил и аплицирале, ќе мора да ни ги достават своите документи во еден од нашите наставни центри низ Македонија. Така, покрај Штип можат да ги достават своите документи во Скопје, Струмица, Кавадарци и во Гевгелија. Морам да напоменам дека ако се интересираат за студиска програма која што е во Штип, а живеат во Струмица, може документите да ги остават во Струмица и да не патуваат по овие жешки температури. За сите оние кои што сеуште не се решиле, можат да го отворат нашиот сајт, да ги погледнат нашите 80 студиски програми, кои што се нудат на нашите 12 факултети и три академии, да се препознаат во некој од нив и да аплицираат во рок од овие три уписни денови, вели проректорот за настава и студенти, проф. д-р Мишко Џидров.
Најдобро рангираните студенти ќе бидат ослободени од плаќање партиципација во текот на првата студиска година

Највисоко рангираните студенти на сите факултети ќе бидат ослободувани од партиципација во текот на првата година од студирањето:

  • Ги повикувам сите оние кадидати кои што во првиот уписен рок ќе се пријават, ќе ги достават документите, да ги погледнат и резултатите, дали ќе бидат едни од оние кандидати кои што ќе бидат ослободени од плаќање партиципација. Како и минатите години, така и оваа, универзитетот се обидува да им помогне на студентите при запишување на факултет. Сите оние кои што успешно завршиле средно образование и имаат повеќе од 80 поени, ќе може да се проверат, да видат дали се ослободени од плаќање партиципација за прва година. Бројките се различни за различни факултети – медицинскиот факултет – 20те најдобро рангирани ќе бидат ослободени, факултетот за информатика 10, земјоделски исто така 10, природни и технички науки, економски, правен и факултетот за туризам и бизнис логистика исто така по 10 ослободени од плаќање партиципација. По 5 ќе бидат ослободени на електротехнички, машински, техничко-технолошки, факултет за образовни науки, музичката академија и по 2 ослободувања од плаќање партиципација на ликовна академија и филмска академија од нивните кандидати. Мора да го споменам и филолокиот факултет каде што има повеќе можности за ослободување од плаќање партиципација на студентите, особено на студиската програма по македонски јазик, каде што нивното образование е ослободено од трошоци во текот на сето четиригодишно образование, додава Џидров.

30% од капацитетот на секој факултет од програмите на македонски јазик е обезбеден за странски студенти:

  • Имаме студенти кои што се веќе во Македонија и учат македонски јазик, тие можат да се запишат на една од студиските програми на македонски јазик, а дополнително имаме студиски програми и на англиски, имаме акредитирано повеќе факултети, од оваа година е нова студиската програма на англиски јазик по фармација. Ќе видиме, сепак е рано за нив, кај нив тие процеси траат и таму е дополнително потребна и нострификација на нивните документи, за да може да аплицираат кај нас. Планирани за странски студенти од вкупната бројка на слободни места, предвидени се 30%, вели Џидров.
Интересот и годинава е најголем на Факултетот за медицински науки

По завршувањето на првиот уписен рок овие три дена, ќе има уште два редовни уписни рокови и еден дополнителен во октомври:

  • По завршувањето на првиот уписен рок, ни следува и вториот уписен рок на 4-ти и 5-ти септември и третиот на 17-ти и 18-ти септември, каде што потоа ќе ги завршиме нашите уписи и ќе почнеме од 1-ви октомври со академската година. Во октомври ќе се објави и дополнителен конкурс за ранливи категории, во кој што универзитетот се обидува да помогне и на некои специфични категории на студенти кои што ги имаме и овој конкурс го организираме по барање и од студентите и од невладиниот сектор. Овде спаѓаат студенти со починат родител, со еден родител и повеќе категории слични, кои што увидовме дека имаат потреба од дополнителна помош. Тоа ќе се објави во текот на месец октомври, дополнително имаме и поттик за добрите студенти кои што имаат просек, така да и тие можат да го погледнат дополнителниот конкурс кој што ќе се објави во октомври, подвлекува Џидров.

Прелиминарните резултати од првиот уписен рок се очекуваат во петок (22.08) во вечерните часови.

Сите детали околу уписите можат да се прочитаат на: https://www.ugd.edu.mk/upisi/prv-ciklus-studii/

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ