Претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите слободи и права и пратеник на Левица, Димитар Апасиев попладнево ја прекина седницата на Комисијата, на чиј дневен ред е претставката поднесена од Здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“, во јавноста познато како Здружение на родителите на загинатите деца во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Потенцира дека продолжението на седницата, на која се очекува да се усвојат зкалучоци, дополнително ќе биде закажано.
– Констатирам дека расправата по точката од дневниот ред е завршена. По исцрпната дискусија, тука ја прекинувам работата на денешната петта седница и за првото продолжение, на кое очекувам пратениците да усогласат и донесат соодветни ставови, мерки и заклучоци кои би ги предложиле на усвојување, дополнително и навремено ќе бидете известени во координација со подносителите, рече Апасиев.
Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ истакна дека централниот елемент на дискусијата треба да биде дека во оваа држава некој дозволува да не се следат законите, прописите и да не постапуваат институциите „само заради парите“.
– Кога се случи трагедијата, мислам дека инхерентно сите знаевме дека системот потфрлил. Кога системот потфрлува, што е тоа потфрлање на системот? Но, јас не мислам дека е таму проблемот колку што таму е начинот да се изземат од одговорност тие што треба да постапуваат. На нас трагедии ни се случуваат затоа што институциите молчат пред приватниот интерес кој генерира пари на незаконски начин. Кога станува збор за повредата на човековите права, тие најчесто во нашата држава се случуваат на основа на желбата некој да генерира профит. Мене ми е апсурдно денеска да зборуваме за процедура, рече Мециновиќ.





